Коки за спомените со Дуле: „Тој беше мангуп ‘бечка школа’, а нашите свирки беа дел од едно поинакво Скопје“
Некоја случка и спомен од некоја свирка/излегување?
Еднаш се беше занел во една кафеана, немавме свирка тој ден, и ми ѕвони: „Дојди веднаш“.
Доаѓам јас, мислејќи нешто се случило…
Ме гледа заматен целосно, ама во тие неколку секунди кога влегов, се избистри, колку да одобрам дека е добар, а не беше добар.
„Е, ова се вика брат, се фали на овие останатите до него – видовте ли како дојде?!“, вели за мене.

Каде е и што прави Коки денес?
Дванаесетта, ќе почне тринаесетта без Дуле.
Не, не е без Дуле, не е ни без Дуле и Коки.
Не е ни тој без мене.
Штом сè уште ми ги нарачуваат и бараат песните „Марама“, „Колку треба да се плати“, „Залудно е да се напијам“, „Мене место не ме фаќа“, „Виолина и гитара“… тоа значи дека не беа овие 2-3 децении потрошени така по кафеаните и дискотеките, колку да се рече: „Абе беа едни двајца од Штип, ама толку, остана еден“.

Нее, не е така. Песните останаа. И тоа навистина добри песни останаа.
Кога сме кај песните, ете наредната година е 30 години од „Виолина и гитара“.
Да повторам, Скопје го чувам за нешто поголемо, за концерт, онака како што доликува, а и со гости.
Секој што ги помислил Дуле и Коки, ќе биде добредојден да даде придонес, а публиката... онаа искрена, ќе дојде, тоа сум сигурен. Примаме нарачки (ха-ха).

Какви се твоите активности на поле музика?
За скоро ќе се видиме на Макфест, последниот викенд од октомври.
На јубилејното 40-то издание на Макфест, повторно ќе одекне „Виолина и гитара“, по цели 29 години од нејзиното прво изведување. Овојпат песната ќе одекне како омаж и потсетник на Дуле и на едно минато време.

Потоа, следува промоција на новиот материјал, двоен албум со видео.
Се надевам до крајот на годината ќе излезе, па ќе судиме и ќе „кудиме“, како и обично за сè што се прави овде кај нас.
И за крај, големо благодарам на сите вас, што 30 години сте покрај сите овие приказни, што едноставно не престануваат да се прераскажуваат, а зошто? Затоа што за некои работи вреди да се живее, до последен здив.


©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Симона Симионова | Црнобело
фото: Стефан Рајхл
