Стојан од Охрид, жртва на семејно насилство: „Татко ми беше алкохоличар, мајка ми ме тепаше, немавме за леб - денес сум сопруг и татко“
- Детали
- петок, 10 октомври 2025
„На татко ми пијанството му стана секојдневие, а со тоа дојдоа и караниците, навредите и болката. Често се случуваше целата плата да ја испие, па денови без јадење во нашиот дом не беа реткост. Мајка ми кога имав само 7 години, ме удри толку силно што ми скрши заб, само затоа што не знаев правилно да држам пенкало“, ја започнува својата тешка приказна Стојан, кој денес има сопруга од Руанда и со неа и синот и ќерката живее во Белгија.

Стојан Томески од Охрид живее во Антверпен, Белгија, со сопругата од Руанда и двете деца.
Инаку, Антверпен има околу 565.00 жители и е познат по своето големо пристаниште и како центар на трговијата со дијаманти.
Тој се соочува со здравствени проблеми и со челична волја сака да го изгради правилно патот за своите деца, затоа што самиот бил жртва на семејно насилство.
Татко му бил пијаница и го малтретирал, на масата често немале ниту леб, облека добивале со сестра му од донации, а мајка му од него скршила железна маша кога тој имал само 2 години.
Стојан ја споделува својата тешка животна приказна за CRNOBELO.com:
„Роден сум во време на транзиција - време на несигурност, кога луѓето сонуваа за подобар живот, а реалноста беше поинаква.
Татко ми се врати од Австралија, се ожени и остана во Македонија.
Наместо мир, во домот ни донесе немир.

Со години пијанството му стана секојдневие, а со тоа дојдоа и караниците, навредите и болката.
Мајка ми и тој беа пушачи, па цигарите беа приоритет, а не храната за нас. Често се случуваше целата плата да ја испие, па денови без јадење во нашиот дом не беа реткост.
Од мали нозе работев по ниви, додека другите деца беа на плажа или си играа.

Сè научив со мака и труд, без разгалување. Мајка ми знаеше да биде строга. Еднаш, кога имав само седум години, ме удри толку силно што ми скрши заб, само затоа што не знаев правилно да држам пенкало.
Исто така, на 2 години ме оставила сама дома, а јас сум направил белја некоја, па поради тоа скрши маша од шпорет на дрва од мене.

Сцените на болка беа дел од секојдневието. Се сеќавам кога татко ми испи есенција, обидувајќи се да си го одзеде животот.
Среќа што преживеа - го спасија во токсикологија, а ние повторно останавме без ништо, затоа што сите пари ги дадовме за болнички трошоци.
Чекавме облека и јакни од Црвениот крст, донаторски јакни од Тајван, бидејќи државата ја признаваше земјата.
Струјата често ни ја исклучуваа. Сестра ми заврши во болница со тешки дијагнози, а кога имав петнаесет години, избега и се омажи.
Судови, кавги, скандали - животот ни беше како серија без крај.

По матурирањето, немав избор - мораше да почнам да работам. Домот ни беше само една соба, без бања, со полски тоалет и копанка за капење.
Немав право ни пријател да доведам дома.
Во 2008 година заминав на брод, на „Princess Cruises“.
Првиот договор беше одличен - сон што станува реалност. Вториот веќе потежок - лупев по еден тон овошје на ден. Но, издржав.
Следните шест години ги поминав на море на речен брод, само за да не се вратам во Македонија, за да побегнам од сето она што ме болеше.
