Рената (36) од Гостивар за борбата со ракот: „Доејќи го моето бебе опипав грутче на градата, мислев дека е мастит“
- Детали
- среда, 12 ноември 2025
„На само 33 години и 10 месеци, кога моето второ бебе беше уште во пелени, ми беше дијагностициран карцином на дојка - лошо диференциран, инвазивен дуктален тип, хормонски зависен, стадиум 3А“, вели Рената Кешкек (36) од Гостивар, која вели дека сопругот ѝ бил најголемата поддршка.

Рената Кешкек (36) од Гостивар, по професија е сообраќаен техничар за патен сообраќај, но најдраги во животот ѝ се улогите на сопруга и мајка на две прекрасни деца, Сара (13) и Исак (4).
За жал, кога нејзиното второ дете било на само 10-месечна возраст, таа го добила најстрашниот животен предизвик - дијагнозата рак на дојка.
Сега, Рената ја оставила оваа немила епизода зад себе, во ремисија е, оди на редовни контроли и ужива во секој миг од детството на нејзините наследници.
Нејзината исповед за борбата со ракот за CRNOBELO.com:
„На прв поглед, водев обичен живот, исполнет со љубов, грижи, среќа и секојдневни активности.
Но, животот понекогаш знае да нè тестира на начини на кои никој не е подготвен.

На само 33 години и 10 месеци, кога моето второ бебе беше уште во пелени, ми беше дијагностициран карцином на дојка - лошо диференциран, инвазивен дуктален тип, хормонски зависен, стадиум 3А.

Шокот беше огромен. Додека го доев бебето почувствував грутка на градата, под пазувите.

Болеше. Мислев дека е мастит. Си велев – ќе помине. Но, не помина.

Почна да расте, заедно со стравот. По направените испитувања, вистината беше сурова и болна.
Земјата ми се разниша под нозете. Плачев. Не верував дека мене ми се случува ова.

Следеше мастектомија – отстранување на градата.
Потоа 8 хемотерапии и 15 зрачења. Ниедна не беше лесна. Имаше денови кога не знаев ниту кога сум тргнала, ниту кога ќе се вратам дома.

Телото ослабено, умот исцрпен, но душата не се предаваше. Секој ден беше борба.
По основните терапии продолжив со хормонска терапија – таблети. Но, и тие не ми одговараа.
Следуваше киретажа, па нов лек кој не се добива во Македонија – го набавувавме од странство и го плаќавме од сопствен џеб.

И кога мислев дека конечно можам да здивнам, повторно операција. Хистеректомија – отстранување на матката.
Превентивно, за да не дојде до проширување на болеста.

