Ангела (25) од Кочани: „Од 10 години готвам традиционален ручек за дома, рецептите и талентот ми се од баба ми“
- Детали
- вторник, 09 декември 2025
„Првите ручеци ги направив на 10 години, тава ориз, мусака... За мојата матурска сама си направив 5 вида ситни колачи, обожавам да готвам традиционални рецепти и десерти, а сега и со син ми од 5 месеци го правам тоа. Тој во едната рака, а со другата припремам...“ - раскажува за CRNOBELO.com Ангела (25) од Кочани, вљубеник во готвењето.

Ангела Костадинова (25) e медицинска сестра од Кочани, која е вљубеник во готвењето, а моментално ужива во времето со своето 5-месечно бебе.
Но, дури и во првите моменти по раѓањето, таа не се откажала од готвењето, па вели дека некогаш дури и со него во една рака, со другата подготвува јадења.
Секако, не зборуваме само за подготовка на семеен ручек, туку Ангела обожава да готви колачи, теста и многу други вкусни јадења, а интересно е дека талентот го има уште од детството.

Во продолжение за CRNOBELO.com Aнгела раскажува за нејзината пасија...
Од каде ти е љубовта, но и талентот за готвењето?
Љубовта, а и талентот за готвење потекнува од мојата баба, всушност уште од малечка таа ме чуваше, бидејќи не одев во градинка и цело време на почетокот ја набљудував како готви, а тоа резултираше и јас да добијам желба и талент за готвење.

Но освен баба ми Елза, од страната на мајка ми, прадедо во дамнешно време имал во селото Оризари фурна, односно бил фурнаџија, правел симити и погачи, а син му односно дедо ми ги продавал, па така и се запознале со мојата погоре спомената баба кога таа била на училиште, а тој во училишниот двор продавал симити.

Исто така тетка сега е веќе пензионерка, работеше како готвач во познат ски центар во Словенија, а и мојот брат во Малта работеше како готвач во ресторан, па можам да кажам дека генот има улога овдe.

Кога првпат си почнала да готвиш и кое ти било првото јадење, а потоа и следните кои си ги усовршила на млади години?
Почетоците на моето готвење се околу 10-годишна возраст, моето прво јадење беше ручек, не се сеќавам баш точно, но мислам дека беше праз, а потоа правев ориз тава, грав, мусака, слатки задоволства итн.

Се случувало ли од мала ти да си задолжена за семејниот ручек дома?
Па со оглед на тоа дека имав обврски во училиште не бев задолжена, но за време на летниот распуст јас самоиницијативно готвев ручек за моите родители и брат.
Исто така во средношколски денови за време на летниот распуст започнав и да си спремам сама зимница (мармалади и компоти), бидејќи мајка ми тој период беше хоспитализирана, но секако пак и тоа беше своеволно т.е. никој не ми наметнувал дека морам да го правам тоа.

Кои рецепти ти се омилени за готвење, дали повеќе сакаш традиционални или модерни?
Најмногу готвам традиционални јадења, но понекогаш знам да зготвам и нешто ново и модерно, имено ручекот ми е неизоставен дел секој ден, а најмногу отсекогаш сум сакала да правам торти и ситни колачи.

Дури за мојата матурска забава јас сама направив повеќе од пет вида на ситни колачи.

Дали се рецептите наследени или си наоѓаш нови?
Има такви рецепти кои ми се наследени од баба ми, мајка ми, тетките, но секогаш истражувам и да направам нешто ново, а во последно време сама и си смислувам, односно не одам по одреден рецепт.

