Сара Мејс ќе одржи новогодишни концерти во 4 градови: „Сакаме да внесеме магија и уникатно искуство кај секој што ќе дојде“
- Детали
- четврток, 11 декември 2025
„Без Илина и Кирил не почнуваме во Филхармонија, ха, ха. Илина веќе го знае цел репертоар, а „Нека трепка“ ја пеат и Илина и Кирил, а богами и другарките на Илина… и тоа со текст знаење, со сè“, вели Сара, која подготвува 4 новогодишни концерти со Ана Петановска, Калина Велковска - Кали и Теа Богатинова.

Четврта година по ред, Сара Мејс, придружувана од нејзините девојки Ана, Кали и Теа, подготвува голем предновогодишен концерт.
Но за разлика од минатите години, пбликата, овој пат ќе може да ги види во дури 4 градови низ земјава и да се забавува со нив, пеејќи си ги познатите празнични песни.

Во разговор за CRNOBELO.com, Сара вели дека најголем предизвик но и желба на сите 4 им е да им ги стоплат срцата на сите што ќе дојдат да ги слушаат и да внесат уште малку празнична магија во нивниот ден.
А за тоа како течат подготовките, каде ќе се одржат концертите, за новата празнична песна „Нека трепка“, Сара ни раскажа во разговорот.

Прочитајте го целото интервју:
Почнаа ли подготовките за празничните концерти „Нека трепка“? И зошто реши тоа да бидат 4 концерти во четири различни града?
Па, да ти кажам, почнати се уште пред 2 месеца, ама сега сме пуштени на турбо.
Годинава сакаме да направиме цела една приказна, со сценарио, изненадувања, нови аранжмани, нов поголем оркестар, светла, трепкања… Баш да биде патување до Лапонија и назад.
Девојките и јас сме многу возбудени и едвај чекаме да се видиме со битолчани, на 21.12 на Зимска приказна во 21 часот; со штипјани на 28.12 во 19 часот во Домот на културата, во Скопје сме на 29.12 во 20 часот во Филхармонија (картите се веќе во продажба на мктикетс.мк) и на 30.12 на плоштадот во Крива Паланка од 18 часот.
Инаку, оваа година ни е четврта по ред, како постои, функционира и пее овој состав, или овој квартет. Ние сме 4, па така некако и 4 града. Со 4 славиме 4 (ние 4), ха, ха.

Тешко ли е да се подготви еден ваков тематски проект? Што ќе има на репертоарот?
Можеби не е „тешко“ вистинскиот збор со кој што би го опишала процесот на подготовка на целиот проект, повеќе би рекла „обемно“.
Многу работи треба да се спојат со многу други работи и заедно да прават многу убави работи.
На пример изборот на песни, заедно со сценографијата, секако светлото, сценариото, аранжманите, аутфитите, оркестарот, темпото… само сето заедно може да ја направи магијата вистински жива.
По патот, секако дека има и препреки за кои треба да се најде вистинското решение, а тоа не е секојпат лесно, но не и невозможно…
Репертоарот ни брои новогодишни класици и божиќни песни, сè е во тој дух God Rest Ye Merry Gentelman, Carol of the Bells, All I Want for Christmas, Silent Night итн.

Повторно настапуваш со Ана Петановска, Калина Велковска - Кали и Теа Богатинова... Колку се тие вклучени во самиот концерт или поголемиот „товар“ околу организацијата, костумите, песните, е сепак оставено на тебе?
Ана, Кали и Теа се вклучени во многу сегменти, секојдневно се гледаме, се дружиме, имаме проби, дискутираме за сè.
Овие девојки ги сметам за еден од моите најголеми животни благослови, зошто ние сме сè, само „само колешки“ - не.
Тие се најубав ветер во грб, најголема поддршка (и кај што може и кај што не може), големи пријателки, хероини.
И покрај нивната огромна поддршка, сепак околу самата организација најголемата помош доаѓа од Идеа Лаб, тие се вклучени во апсолутно сè и без нив ова не би било никако возможно.
Маестро Иван Еминовиќ, пак, си го тера одделот за оркестарот и оркестарските аранжмани.

