Раде од Скопје одгледува малиноа кучиња: „Се користат за барање дрога или одбрана во специјални едници, но може да се одлични и со деца“
- Детали
- среда, 24 декември 2025
„Секогаш ги советувам луѓето да не земаат миленик, доколку стварно немаат желба за тоа. Треба да се избере куче според неговиот карактер, со цел да се вклопи во вашиот животен стил, а не да се бира според изгледот или според бојата. Погрешниот избор доведува до напуштање на миленици и сè повеќе бездомни кучиња“, споделува Раде Милевски кој е тренер и социјализатор, а самиот чува кучиња од расата малиноа.

Раде Милевски од Скопје по струка е машински инженер со огромна пасија за кучиња.
Неговата љубов кон кучињата го натерала да стане тренер и социјализатор, додека самиот одгледува кучиња од расата малиноа.
„Со кучиња сум буквално целиот живот, а малинои чувам осум години. Моментално женката што ја имаме е увезена од Србија и ќе си зачуваме една женка, Беба, од сегашното легло“, открива Раде за CRNOBELO.com.
Тој ни открива и нешто повеќе за оваа раса, која е и меѓу фаворитите кога се во прашање полициски кучиња.
„Малиноа е една од четирите подраси белгиски овчари – Groenendael, Laekenois, Malinois и Tervuren.
Потекнуваат од Белгија и поради нивните одлични работни карактеристики, тие се неизоставен дел од К9 единиците во светот и во натпреварувањата со работни раси на кучиња“, додава Раде.
Во продолжение целото интервју со Раде Милевски:
Какви се кучињата од расата малиноа и која е разликата меѓу нив и германските овчари?
Најголема разлика има во физичкиот изглед, германските овчари се покрупни и потешки, но малиноите како раса се доста побрзи и поатлетски градени. Двете раси се одлични работни раси.
Овие кучиња често се користат и како полициски. Зошто? Поради што се истакнуваат од другите раси?
Поради нивната огромна желба за работа, неуморни се, одлични атлети, отпорни на надворешни влијанија и температури, немаат генетски проблеми. Накратко кажано, одлична здрава и работна раса на кучиња
Каков карактер имаат овие кучиња – дали се игриви, дали се тврдоглави, дали мораат да бидат тренирани?
Карактерот на секое куче поединечно, многу зависи од нивната крвна линија, но и од искуството на сопственикот со кучиња. Многу сакаат да играат и низ игра да учат.
Нивниот тренинг се одвива само со позитивна стимулација, во спротивно можат да бидат исплашени и несигурни. Сметам дека се кучиња со најмногу енергија и поради тоа потребен е искусен сопственик или тренер да ги насочи.
Или ќе го вратите кучето во првите два месеца, или за цел живот ќе чувате малиноа, нема средина кај оваа раса.
Дали овие кучиња се погодни како миленик? Како се однесуваат со деца? А, како со луѓе што не ги познаваат?
Како раса ги препорачувам на луѓе или семејства кои веќе имале искуство со чување кучиња. Бараат секојдневни прошетки и ментални вежби за да се задоволи нивниот нагон за работа.
Доколку се добро социјализирани, можат да бидат одлични со деца и со други животни во домот. Приврзани се со семејството и се едни од најдобрите чувари.
Недоверливи се со непознати луѓе, но се пријатели со блиските луѓе на семејството.
