Урбан лик: Филип од Скопје е маж со впечатлив моден стил, вљубеник во фитнес и тетоважи
- Детали
- среда, 22 јули 2026
„Мотивацијата е минлива, дисциплината е таа што останува. Кога не ми се вежба не си давам „слободен ден“, туку се потсетувам на моето мото - јас сум главната улога во мојот филм. А главниот херој не се откажува кога е малку тешко,“ вели Филип Арсовски за CRNOBELO.com, кој е препознатлив по своите тетоважи и модниот стил.

Филип Арсовски (35) од Скопје е претприемач, креатор на содржини на социјалните мрежи и основач на брендовите 137 Society и Futuriva.
Филип е магистер по бизнис администрација (MBA), со завршени студии на Универзитетот во Љубљана.

Зад себе веќе има два успешно продадени бизниси кои се сè уште активни, а денес неговата главна професија е преточување на сопствениот животен стил во успешни глобални приказни, преку кои гради заедница на млади луѓе низ целиот свет.
Освен по својот изграден моден стил, Филип е препознатлив и по впечатливите тетоважи. Една од нив е и познат мотивациски цитат од филмовите „Роки“, зборови кои ги кажува Силвестер Сталоне, т.е неговиот лик, Роки Балбоа.

За својот моден, но и животен стил, тетоважите и фитнесот, кој е дел од неговото секојдневие, Филип раскажува во интервјуто за CRNOBELO.com:
„Моето животно мото е многу едноставно, но моќно: да бидам суперхеројот на моето детство и да ја играм главната улога во сопствениот филм наречен живот.
Тоа е основата на сѐ што правам. Својот живот и лајфстајл го преточувам и го продавам преку моите брендови за облека и за фитнес и здрав начин на живот.
Ова не е само бизнис, туку градење заедница преку која младите луѓе имаат можност да се едуцираат, да растат, но и да заработуваат преку продажби низ целиот свет.
Сето ова се темели на трите основни постулати кои ги промовирам: фитмес, ум и дух (Fitness, Mind & Spirit). А поентата е едноставна - да го живееш својот сон, секој ден.

За мене, тетоважите се чиста уметност. Исто како што би ставиле вредна уметничка слика во дневната соба за да го разубавите просторот, така ги гледам јас тетоважите на моето тело.
И секако, таа уметност изгледа многу поубаво и поимпозантно на убаво изградено тело.
Не можам да кажам точен број на тетоважи бидејќи речиси сè е споено во една целина, но првата ја ставив на 18 години.

Некои од нив имаат длабоко лично значење и носат силна порака.
На пример, го имам истетовирано познатиот цитат од „Роки“: „Светот не е само сонце и виножито. Тоа е многу сурово и гадно место, и воопшто не ми е гајле колку си жилав, ќе те фрли на колена и засекогаш ќе те држи таму ако му дозволиш. Ниту ти, ниту јас, ниту кој било друг не може да удри толку силно како што може да удри животот. Но, не е важно колку силно удираш, туку колку силно можеда те ударт, а ти да продолжиш да се движиш напред. Така се победува!“ вметнат во спартански шлем, односно, шлемот е составен од текстот, како и потсетникот: „Остани силен и во најтемните времиња“.
Овие зборови ја рефлектираат мојата животна филозофија - не е важно колку силно удираш, туку колку силни удари од животот можеш да издржиш и да продолжиш напред.
