Раде од Скопје одгледува малиноа кучиња: „Се користат за барање дрога или одбрана во специјални едници, но може да се одлични и со деца“
На која возраст почнува дресурата на кучињата малиноа и колку време трае? Колку се разликува дресурата за полициски кучиња, од онаа за миленици?
Дресурата започнува уште додека се многу мали и сè уште се со мајката. Најпрво се почнува со социјализација, навикнување на звуци, луѓе, предмети, почнуваат игрите меѓусебни со браќата/сестрите од леглото, запознавање на околината, со цел полесно да се привикнат на животот кај новиот сопственик.
Основната дресура за послушност почнува околу 4-тиот месец и трае 3-4 месеци. Притоа се учат основните команди и одењето на поводник.
Полека го изложуваме кучето на секакви надворешни појави, со цел да добие сигурност и самоувереност.
Дресурата и воспитувањето не завршуваат тука, туку траат целиот живот.
Полициските кучиња подлежат на различни типови дресури, во зависност од единицата каде ќе биде распоредено кучето.
Најчесто се користат како кучиња трагачи (дрога, експлозиви, пари...) или кучиња за напад и одбрана во специјалните единици. Во секој случај, задолжителен е тренингот за послушност, кај сите кучиња.
Кликнете на објавата за да го погледнете видеото:
Дали овие кучиња се изложени на поголем ризик од одредени заболувања? Ако да, може ли да се намали ризикот?
Ретки се случаите на генетски заболувања, а за да се превенираат се прават снимања на лактови и колкови (заштита од дисплазија) и повеќе видови генетски тестови.
Бидејќи се работна раса, мора да имаме здрави единки за да ја исполнуваат задачата.
Кога почна да работиш со овие кучиња и колку чуваш моментално?
Малиноа чувам од пред 8 години, женка по име Астра, која ни беше најдобар миленик. Во последните 5 години се занимаваме попрофесионално со одгледување на здрави работни малинои.
Во моментов имаме една женка, Зина, и 11 кутриња, кои наскоро ќе заминат кај новите сопственици. Од ова легло одлучивме да задржиме женка, со име Беба, и во процедура сме да регистрираме одгледувачница.
Повеќе за нас можете да видите на нашиот веб-сајт.
Си имал ли непријатна ситуација со некое од кучињата? Како треба да се реагира ако кучето стане агресивно или слично?
Непријатни ситуации може да има секојдневно и затоа превенираме за да не биде доцна.
Кучето во градски услови секогаш да биде на поводник и доколку треба да носи маска. Некогаш, нашето куче и да е најдобро истренирано, може друго куче да испровоцира непосакувана ситуација.
Кучето не станува агресивно преку ноќ, туку поради несоодветно чување. Додека е мало задолжителна е добрата социјализација за да имате добар миленик.
Јас секогаш ги советувам луѓето да не земаат миленик, доколку стварно немаат внатрешна желба за тоа.
Честопати околината и општеството наметнуваат дека здраво е децата да имаат и да растат со миленик, па нивните родители, кои никогаш не чувале куче, за да се вклопат подобро во општеството, купуваат куче со надеж дека нивното дете ќе се грижи за истото.
Од дете не можеме да очекуваме дека ќе се грижи за куче на кое му се потребни секојдневни прошетки, грижа и внимание.
Исто така, апелирам, да се обрати многу внимание при избор на кутре, било да е расно или нерасно. Да се избере куче според неговиот карактер, со цел да се вклопи во вашиот животен стил, а не да се бира според изгледот или според бојата.
Погрешниот избор доведува до напуштање на миленици и сè повеќе бездомни кучиња, било да се расни или нерасни.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Спирова С. | Црнобело
