Интервју со Кики, мајката од Grizzly семејството - Имаат 4 деца, 2 коња, 1 куче, а Козјак им е втор дом
- Детали
- вторник, 06 јануари 2026
„Како 6-члено семејство омилено ни е кампување на планина или море и вртење маршмелос на оган, a посебно место во нашето секојдневие имаат и нашите коњи. Јавање, чешлање, чистење, хранење и целата грижа околу нив стана наша заедничка активност“, вели Кристина Христова, која со сопругот Александар е сопственичка на „Grizzly Mountain Center“ на Козјак.

За себе со гордост велат: „Ние сме Grizzly family“.
На Кристина и Александар Христови (Кики и Кицо) од Скопје, Козјак им е втор дом, а бизнисот таму - стил на живот.

Овие авантуристи и вљубеници во природата имаат 4 деца. Најстарата ќерка Саша има 13 години, синот Виктор - 10, средната ќерка Кара - 2 години, а најмалечката Срна има само 1,5 месец.
Но, дел од нивното семејство се и неколку животни: доберманката Хани, која има 5 години, и коњите Колди и Султан.

На шега велат дека интерно се делат на родители, големи деца, мали деца и животни.
Инаку, и Кристина и Александар доаѓаат од бизнис секторот, поточно Кристина од ИТ индустрија, додека Александар е претприемач.
Но, во 2023-та го започнале проектот „Grizzly Igloos“, кој во 2025 прерасна во „Grizzly Mountain Center“, којшто сега е нивен примарен фокус.

Кристина и Александар живееле во центарот на градот, но потоа одлучиле да се преселат во Соње и сега живеат на релација Соње – Козјак.
Најмногу се благодарни што секое утро наместо кон градот, на работа возат на кон Јасен.
Кристина ја споделува нивната приказна и стил на живот за CRNOBELO.com:
Како се запознавте? Дали и двајцата од старт сакавте да имате многу деца?
Се запознавме преку заеднички пријатели и беше љубов на прв поглед! Голема фамилија сакавме и двајцата, да, и со деца и со животни.

Колку време трае подготовка и излегување од дома со 4 деца?
Реално? Цел ден или барем ден однапред.
Големите деца веќе се спремаат сами и се скоро целосно одговорни за своите работи, а кај малите подготовката трае. Ама сè е е до организацијата, бидејќи со лоша организација и со едно дете е тешко.
Организација, адаптација и без паника, тоа е клучот.

Кои се ваши омилени семејни навики?
Покрај стандардите кино дружења и спортски натпревари, пранкови и хорор приказни се наш фамилијарен препознатлив знак.
Лето на планина, покрај оган, а зима дома, околу каминот, нашата омилена семејна „дисциплина“ е кој има пострашна приказна и кој кого ќе исплаши повеќе.
Генерално ги водиме Саша и Виктор по неколку значајни „пренкови“ кои нема да ги заборават.
Еден таков „пренк“ беше пред некое лето кога два дена им имавме скриено звучник во соба и беа сериозно исплашени дека има дух што им зборува ноќе и им ги знае имињата.
Затоа и Halloween (Ноќта на вештерките) е наша „куќна слава“ кога правиме голема сериозна забава во двор под маски.

Дали дома е постојано врева и хаос? Трикови со кој секој од вас го пронаоѓа својот мир?
Апсолутно, хаос на сите нивоа. Не знам дали од играчките или од хормоните.
Искрено, галамата веќе ни не ја регистрираме, со време учиш да заспиеш и на најгласно, со две деца на глава.
Единствениот момент во денот кога инсистирам на ред е наутро, да станеме во среден дом, за да ми бидат мислите средени и денот да почне нормално.
А од хаосот, секој си има свој начин за бегство: еден се повлекува во тишина, друг бега на кош во двор, трет се „смирува“ со работа и движење, пере автомобил.
Јас на пример, го земам бебето и тактички се повлекувам, а борбата со тодлерот и големите со задоволство му ја препуштам на таткото.

