Интервју со Кики, мајката од Grizzly семејството - Имаат 4 деца, 2 коња, 1 куче, а Козјак им е втор дом
Кој готви за целото семејство и колку е предизвик тоа, пример како е да се излупат компири за 6-члено семејство?
Најчесто јас, но тимски сме во целиот процес – ако еден готви, другиот поставува и ја „крева“ масата, трет носи пијалак, ја полни машината итн. Сè е тимска работа.
А да се излупат компири за шестчлено семејство? Тоа е кратка, но интензивна тренинг сесија.

Вашите најубави патувачки авантури досега се…
Нашите најубави авантури се оние наједноставните - со автомобил полн со деца, музика, многу смеење и некоја кавга задолжително!

Често планот се менува во движење, а токму тие непланирани моменти ни стануваат најубави спомени. Не е важно каде одиме, туку дека одиме заедно.

Кој е организиран како војник, кој секогаш доцни, а кој постојано се жали на нешто?
Од децата секако најголемата, Саша, е дефинитивно најодговорна и најточна на време.
Виктор е тежок на будење и речиси секогаш го чекаме да доигра, да се отпише од баскет, да заврши уште нешто…
Кара, како вистинско средно дете, има силен карактер и бара многу внимание.
А Срна ја чекаме да се покаже, се надеваме на питомо и мирно детенце, затоа и ѝ го дадовме тоа име.

Колку со сопругот пронаоѓате време само за вас?
Време не наоѓаме, времето го правиме. Ние сме ранобудни, а воедно и први што си легнуваат во куќата, па раните утра од 5 до 7, дури сите спијат се наше време. Кафе, музика и план за денот.
Некои наши мали ритуали се качување на Водно пред или после работа по нашата патека од Соње, а последниве години таа патека е на Козјак.
Театар или балет за викенд, ручек во Пелистер или KFC „drive date“ во кола.
Пред „малите“ деца секоја година покрај семејниот, задолжително одевме и сами на одмор и мислам дека тоа е нешто што сите парови треба да го практикуваат. Едвај чекаме да потпораснат малите за да се вратиме на таа традиција.

Кој ви помага со децата, имавте ли „баба-систем“ или некоја дадилка додека беа помали?
Да, имаме помош и сме неизмерно благодарни, затоа што без неа сè би било многу потешко и веројатно невозможно.
Имаме поддршка од родителите, но со нас се и прекрасни дадилки кои низ годините (и за големите и сега за малите деца) навистина ни го олеснуваат секојдневието и животот со четири деца.
Поддршката прави огромна разлика.

Омилени заеднички активности ви се…
Омилени ни се кино-вечерите дома, boardgames, кампување на планина или море и вртење маршмелос на оган, тие мали моменти.
Во последните две – три години, посебно место во нашето секојдневие имаат и коњите. Јавање, чешлање, чистење, хранење и целата грижа околу нив стана наша заедничка активност.

Во Grizzly имаме мини зоолошка и штали за коњите и тука е најголемата забава, тоа најчесто го правиме заедно со поголемите деца, додека помалите следат и учат.

