Марија-Магдалена од Битола има онлајн продавница за облека од втора рака: „И јас во најголем дел комбинирам носени парчиња“
Купуваат ли Македонците облека од втора рака?
Сè повеќе. Но сакаат правилна презентација, идеја како да искомбинираат, и фер третман низ целиот процес.
Добиваме многу пораки дека преку Ministry of Second Hand им е сменета перцепцијата за облеката од втора рака и тоа ни е најголемиот мотор да продолжиме.

Дали и самата купуваш облека од втора рака и колку вакви парчиња поседуваш? Кое ти е омилено?
Да!!! Околу 70% од облеката ми е втора рака, а мое win парче е бунда за која добивам милион прашања кога ќе ја ставам на Ministry.
Купена е (во тој момент) со позајмени пари од бутик за облека од втора рака „Фемили шоп“ од Битола, не смееше да се пропушти тоа парче.

Кои се придобивките, особено кога станува збор за брендови?
Од анкетите со нашите следачи, покрај чувството на свесно и полезно купување, постои и возбудата од пронаоѓање нешто што никогаш не им било на радар - а доаѓа од друг плакар.
Тука се и заштедата на време, избегнувањето шетање по продавници и пребарувањето по сајтови.
А кога станува збор за брендовите - можност да добијат парче што не ни помислиле дека можат да го имаат, по многу подостапна цена.

Каква е ценовната политика?
Секој продавач сам ја поставува цената според состојбата, брендот и реалната пазарна вредност.
Клучно е што ова не се прави за заработка, туку за ослободување од парчиња кои веќе не служат - но се доволно вредни да продолжат да живеат.

Дали облеката се средува пред да се понуди?
Да, тоа е јасна политика. Секој треба да се стави на местото на купувачот и да се праша: „Како би се чувствувал јас ако ја добијам оваа пратка?“
Имало негативни искуства, но се решавале. Имало и случаи каде купувачки и продавачки станале пријателки и соработнички. Сè тоа за нас се нанижани успеси.

Дали си задоволна од тоа во кој правец одат работите?
Ох, да. Се надевам дека ќе го доживеам времето во Македонија кога статусен симбол ќе биде да си облечен од втора рака - затоа што тоа ќе зборува погласно за луѓето од било кој збор.
А јас се грижам да стигнеме дотаму. Со џиновски чекори.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело
