Златко Јовановски за родното Тетово: „Тука сите се ценкаат, а зборот важи повеќе од 100 потпишани документи“
- Детали
- петок, 30 јануари 2026
„Во моето Тетово законите функционираат подруго. Некој сеа ќе каже дека не е по пропис и правила, но понекогаш со колата ќе заглавиш други коли (поради итна кратка работа), и кључот ќе го дадеш на првиот човек што ќе го видиш на улица за да ја препаркира, и он ќе ти заврши работа. Човечки исправно“ - вели Златко Јовановски во нашиот серијал „За мојот роден град“.

Модниот дизајнер Златко Јовановски е роден во Тетово. Иако поголемиот дел од животот го поминал во Скопје, секој ден е во родниот град каде што се наоѓа и неговото модно ателје, но и каде што живее неговото семејство.
Златко, кој низ годините посетил многу монденски места и луксузни дестинации, вели дека своето Тетово (или како што вели често Тето'о), не го дава за ниедно друго - тука го пие најубавото кафе, тука луѓето имаат поинаков карактер, а пружената рака и дадениот збор важат повеќе од 100 потпишани договори.

За тоа кои му се омилените места во и околу градот, но и што го прави Тетово толку посебно, Златко ни раскажа во рубриката „За мојот роден град“:
„Дефинитивно тврдам дека моето Тетово е нашето Монте Карло, Тетово е нашиот Лас Вегас. Тоа што никаде го нема во државава, во моето Тетово го има. Тоа што никаде не смее, у Тетово - може.
Низ град може да видите многу убав народ, убаво облечени, по тетовски ‘променети’ = дотерани.
Во моето Тетово се возат најубавите и најскапите коли во државава. Не е чудно да видите Ламборгини, Ферари, спортски коли во јаки бои…


Прва работа што би ја издвоил тоа е плоштадот.
Јас го паметам со голем шадрван (фонтана) на средина и бисти на борци до фонтаната. Денес е изменет и реновиран.
Центарот ми буди најголеми детски спомени затоа што мојот дом бил на плоштадот. Јас тамо сум растел и созревал.
Денес, дефинитивно на плоштадот му фали моја слулптура. Јас, гол, направен од бел мермер, со златна круна и бордо наметка, ха, ха.

На плоштад во Тетово со внуците
Второто што би издвоил - Тетово е град што е буден 24/7!
Позитивно е што вие може у секое време да најдете отворена аптека, ресторан, диско, трафика, колонијал, кафуле и такси.

