Анита Русевска (47) е дама со впечатлив стил - обожава бунди, преферира патики пред високи потпетици: „Панталони со кошула ми е спас“
- Детали
- недела, 08 февруари 2026
„Со сопругот за преку ден не гледам да сме модно усогласени, но навечер или за некоја пригода, да“, вели Анита, која е во брак со поранешниот тенисер Предраг Русевски. Нејзиниот приватен стил е многу поинаков од оној во МОБ, каде што е вработена, а каде за потребите на претставите носи различни сценски костими.

Анита Русевска (47) од Скопје, повеќе од 25 години е вработена во Македонска опера и балет.
За себе вели дека е уметник по природа и голем естета.

До пред 1 година изработувала накит, и тоа го правела успешно долги години.
„Ми беше и хоби, но и си заработував од тоа, заедно со вежбање.
Поради повреда некое време паузирам, но наскоро пак ќе си продолжам. Тоа ми е издувен вентил, дружба“, вели таа за CRNOBELO.com.

Анита е сопруга на поранешниот тенисер Предраг Русевски, со кого има син.
Вели, со сопругот преку ден не мора да се модно усогласени, но за некоја посебна пригода или кога одат на настан, знаат да бидат ускладени во гардеробата.

Оваа дама открива и дека многу сака да патува, па кога им дозволуваат времето и можностите знаат да отпатуваат некаде фамилијарно.
„А ако сопругот не е во Македонија, знам сама со синчето да одам некаде.
За да се ‘тераат’ повеќе работи и да се стигне сè, не секогаш времето ми дозволува, но се трудам да сум си организирана со време... ништо повеќе“.

Во однос на модата и нејзиниот стил, Анита ни раскажа:
„Кога сме веќе кај модата и мојот секојдневен стил, можам да кажам дека е лежерен, кежуал... порано носев пошарени работи, а сега освен тренерки, блузони и патики, немам ништо шарено.
Многу сакам спортска гардероба и имам доста, посебно патики, ги имам доста на број.
Кај мене летната гардероба се состои од фустани и комплети, додека зимската гардероба ми е исклучиво со бунди и капути, разни оверсајз сакоа, шалови.

Секогаш кога брзам некаде, а не знам што да облечам, спас ми е оделото.
Сако со панталони или сако само со кошула ми е спас, а и секогаш комотно се осеќам.
Не поднесувам тесни работи, многу високи потпетици, високи топуци (иако во младоста ги носев).

Никогаш не би облекла најкратки тексасни бермуди, па ни за на плажа.
Едноставно не ги сакам, не ми изгледаат уредно.
Кратка мини сукња до под задник со деколте многу ми е невкусно и евтино делува.

Мојата навика со години, а да ја наречам рутина, е чистење на лицето, без исклучок.
Тоа не го прескокнувам никогаш.

Кога се спремам, додека се туширам, веќе ми е како рутина во главата да имам комбинација за облекување и не губам време на тоа.
Ако порано сум се спремала за 2 часа, сега за пола саат сум спремна. Практичност и брзина пред сè.
Јас сум тип на жена која не поднесува да седи со саати во салони за убавина. Тоа ми е незамисливо, да седам 5 часа на фризер ха, ха.

