Зои Блаж за растењето дете во Германија, без баби и дедовци: „Нема кој да ти каже ‘оди одмори, јас ќе средам’“
Како успеваш да најдеш време за себе и за одмор?
Не е секогаш лесно. Научив дека времето за себе не мора да биде викенд во СПА центар.
Понекогаш е 15 минути кафе во тишина. Брз тренинг дома. Топла бања навечер. Мал ритуал што ме потсетува дека освен мајка, јас сум и жена.

Да седнам да сработам проекти еднаш неделно. Кога јас сум подобро, и мајчинството ми е полесно.
Ама секако на крајот на денот сум најсреќна што сум мајка и време за мене ќе има понатаму но сега најголем приоритет ми е она.

Дали се чувствуваш осамено понекогаш и како се справуваш со тоа?
Да, има такви денови. Особено кога сме далеку од семејството.
Понекогаш тишината е гласна. Тогаш се трудам да се поврзам – со пријателки, со други мајки, со видео повик дома.

И најважно, си дозволувам да признаам дека ми е тешко. Не мора секогаш да сум силна.
Ми недостасуваат моите, другарките, да споделиме во живо нови случувања, радости, таги, но тоа е за сега така и се надевам што побргу ќе се промени да се вратиме дома.

Кои совети би им дала на други мајки кои се во слична ситуација?
Не се споредувајте. Не мора домот секогаш да блеска. Не мора секој оброк да биде совршен.
Побарајте помош кога ви треба. И запомнете – доволни сте.
Детето не бара совршена мајка, туку присутна и полна со љубов.

Дали чувствуваш дека системот во Германија ти помага како родител?
Да, чувствувам дека има родителските права, и помош од државата, тоа е нешто што кај нас го нема, а се надевам со текот на времето ќе се промени. Тоа дава сигурност.
Но, сепак, најголемата поддршка си ја градиме дома – со партнерот, со заедницата што сами ќе ја создадеме околу нас.

Германија не е тоа што била некогаш, и тука веќе не е сјајно ни финансиски, ни за живот (ако мене ме прашуваш овде никогаш и немало живот освен работа-дома) и многу ми е чудно што самите Германци (наши пријатели) често ми викаат дека размислуваат да се преселат од својата земја…
Исто и ние размислуваме веќе подолг период што, како и каде и го чекаме вистинскиот момент да се одлучиме.
