Оливер од Кичево е пица мајстор во Австралија: „Правам пици во реставрирана приколка, почетокот беше тежок“
- Детали
- недела, 29 март 2026
„Започнувањето свој бизнис во Австралија не е воопшто лесно… Денес имам мал бизнис со приколка за наполитанска пица, која целосно сам ја реставрирав од нула. Со мојата сопруга Татиана се преселивме во Бризбејн пред 4 години“, вели Оливер Наумоски (36), по потекло од Кичево, за CRNOBELO.com.

Оливер Наумоски (36) по потекло од Кичево, веќе 4 години живее и работи во Бризбејн, Австралија, заедно со неговата сопруга Татиана и нивната ќеркичка.
Тој работи како пица мајстор и има свој мал бизнис. Прави пици во стара, реставрирана приколка, која самиот ја прилагодил од нула.
Како изгледаше твојот живот во Македонија пред да заминеш? Кога и зошто реши да се преселиш токму во Австралија?
Животот во Македонија мене и на моето семејство ни беше нормален. Преселбата во Австралија беше голем проект за нас, тоа беше неколкугодишен план кој се оствари пред 4 години.
Мојата сопруга Татиана запиша магистерски студии (Public health), така што тоа беше причина да дојдеме тука во Бризбејн и да живееме.

Како започна твојата приказна со правење пици? Дали имаше претходно искуство со готвење или угостителство?
Отсекогаш сум имал љубов кон готвењето и храната.
Уште како навистина млад се трудев да зготвам нешто вкусно, да направам некој интересен рецепт од македонската храна.
Но, ете и италијанската кујна исто така ме привлече.
Приказната за правење пици започна во Атва Резиденс Хотел, во село Долно Добреноец, на 5km од Кичево, во кој работев три години од самото отворање.

Кој те научи да правиш пица и како дојде до идеја да отвориш свој бизнис?
Благодарен сум му на мојот пријател Миле Костадиноски, врвен пица мајстор, кој ми ја даде шансата да работам со него и таму професионално да се изградам.
Идејата за да отворам свој бизнис е тоа што имам голема пасија кон готвењето храна или конкретно кон пиците.
Денес имам сопствен бизнис – приколка за Аuthentic Neapolitan pizza (автентична наполитанска пица), која целосно сам ја реставрирав од нула.

Колку беше тешко да започнеш бизнис во Австралија како странец? Со какви предизвици се соочи на почетокот?
Започнувањето свој бизнис во Австралија не е воопшто лесно, не по само 4-годишно живеење тука.
Свесно знаевме дека тоа за нас е можеби голем залак, но сепак го прифативме тој ризик и еве успеавме да почнеме со работа.

Имавме премногу препреки од секој аспект, секој предизвик ни беше задача која требаше да ја решиме. Но, сепак успеавме.

Што ја прави твојата пица посебна?
Мојата пица ја прави посебна тоа што се работи за Authentic Neapolitan pizza, 48 часа ладна ферментација на тесто, која се приготвува на многу висока температура или 420 степени.

Која е најголемата разлика помеѓу животот во Македонија и Австралија?
Сè е различно, во буквална смисла. Најголемата разлика беше храната.
Македонскиот вкус на храна не можеш да го споредиш со австралискиот.

Ништо не беше вкусно како кај нас во Македонија, но се навикнавме.
