Марио (21) од Битола учи факултет и има фарма во село Крклино: „Носам кози на пасење, собирам јајца од кокошките“
Од колку години почна активно да работиш? Кој дел од работата ти е најомилен, а кој најтежок?
Почетокот на мојата фарма е јуни 2019 година, кога ги купив моите први членови, а тоа беа шест кокошки и еден петел.
Тогаш имав само 15 години, немав знаење и искуство, но имав голема желба и амбиција.
Полека, но сигурно ја зголемував бројката, а и набавував нови видови на животни.

Омилен дел од работата ми е подготовка на ново живеалиште или средување на постоечко за нови членови.
Интересен дел ми е собирањето на јајцата и молзењето. Најтешко ми е кога врне дожд, бидејќи тогаш е предизвик да ги завршиш сите обврски под отворено небо.

Кои животни ги одгледуваш и зошто баш тие? Кои се „најтешки“ за чување и нега?
На мојата фарма се одгледуваат кокошки, бисерки, кози, куче и мачиња.
Козите се исклучително паметни и благородни животни. Не се непријатели на природата, туку тие се машини кои билките ги трансформираат во најздравото козјо млеко.
Од него потоа јас правам, козјо кисело млеко, козјо сирење, и козји сапун.

Кокошките се едни од полесните за одгледување, но сепак и тие бараат соодветни услови во кои продуктивноста би била најдобра.
Кучето е обезбедувањето на фармата. А мачките се одбранбената линија од глодарите.
Најтешки за одгледување и нега се козите, не сакаат промени и на нив бурно реагираат.


Колку е тешко да се живее од фармерство денес?
Моите родители не егзистираат од фармерство, тие си имаат друг приватен бизнис.
Јас со помош од моите дедо и баба го работам овој фармерски бизнис кои е самоодржлив - ништо повеќе за сега.

Што ти е најголем предизвик на фармата?
Мене ништо не ми претставува предизвик, за секој еден проблем постои решение.
Меѓутоа предизвик знае да ми бидат високите температури во лето, снегот во зима, дождот или невреме кои ме попречуваат во реализацијата на секојдневните активности.
