Мајката на Драгана, која загина во Кочани, за CRNOBELO: „Син ми не може да си прости што не ја спасил, се молев да отвори очи“
- Детали
- понеделник, 16 март 2026
„Кога ја најдовме Драгана мислев дека е онесвестена. Веднаш ја однесовме во болница, таму бев цело време, мислев ќе ги отвори очите, но на крај дојде една докторка и ми ја соопшти најболната вест: 'Не успеавме да ја спасиме', вели Ирена Минова за CRNOBELO.com, на годишнината од трагедијата во Кочани, не можејќи да ја скрие болката по починатата ќерка.

Ирена Минова (40) е мајка на Драгана Минова, една од 63-те лица кои настрадаа во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март 2025 година.
Една година по трагичната несреќа која остави црнина на сите, но најмногу на оние што загубија чедо, брат, сестра, близок роднина или пријател, Ирена и понатаму не може да се соочи со страшната судбина на нејзината ќерка и тоа дека ја нема.

Драгана, денес би имала скоро 18 години (родена е на 16 април 2008), би била пред крај на средното медицинско училиште, со животот пред неа.
Кобниот 16-ти март во дискотеката го прекина нејзиниот живот, соништата, желбите, нејзината насмевка. Со неа во „Пулс“ бил и помалиот брат, но тој во моментот на пожарот бил надвор. Сакал да влезе за да ја најде сестра си, но не успеал.

За тоа каква девојка била Драгана, но и како семејството по една година се носи со целата болка, ни раскажа Ирена во интервјуто:
Помина една година од трагедијата во дискотеката „Пулс“, во која ја загубивте ќерката Драгана. Како ги преживеавте овие 12 месеци без неа?
Овие 12 месеци беа исполети со тага и болка, но и со длабока потреба да ја чувам нејзината светлина во моето срце.
Секој ден се присетувам на неа, ги чувам спомените и моментите што ги поминувавме заедно и се обидувам да ја негувам љубовта и учењето што ми ги остави таа.
Овие месеци ги преживувам со молитва, тишина и сеќавања, со надеж дека нејзината светлина продолжуваа да живее во мојот живот.

Како изгледаа вашите последни мигови со ќерката?
Моите последни мигови со мојата ќерка се врежани во моето срце како доказ на една искрена љубов меѓу мајка и ќерка.
Се сеќавам на нејзината насмевка и нејзината нежност. Во тие моменти имав чувство на целосна љубов, топлина иако не бев свесна дека тоа збогум е последно.
Го чувам тоа чувство како најголемо богатство - секој спомен и секоја насмевка ми даваат сила да продолжам да ја чувам светлината во мојот живот.

Драгана денес ќе имаше 17 години, скоро 18... Каква девојка беше таа? Што учеше, имаше ли желби за иднината, што сакаше да биде во животот?
Драгана беше девојка полна со светлина и нежност, со срце што секогаш сакаше да помага и да ги израдува луѓето околу неа.
Беше скромна, смирена, емотивна, а истовремена и храбра.
Секој кој што ја има запознаено ја чуствуваше нејзина искреност.
Беше посветена и на учењето сакаше да се развива, да биде добра во сè што започнуваше.
Имаше големи желби за иднината, сакаше да помогне на луѓето околу неа, сакаше да создаде нешто убаво.
Таа учеше медицина во Штип, беше втора година срeдно. Сакаше да студира Медицина и да стане докторка, детски педијатар.

