Драгана Бебекоска за родниот крај: „Во Вевчани како деца игравме кришмиш, сакам и ќерка ми да има детство како моето“
- Детали
- петок, 17 октомври 2025
„Во детството најубавите денови ги поминувавме со игрите надвор. Игравме криенка, но и „криенка со план“ – кај нас познати како кришмиш и кришмиш со план. Секој ден бевме надвор, игравме ластик, брканица, возевме велосипеди, а зимно време уживавме во санкање и го чекавме василичарскиот карневал“, вели Драгана Бебекоска Костојчиноска (35) за CRNOBELO.com за родниот крај.

Драгана Бебекоска Костојчиноска (35) по професија е менаџер за осигурување, а работи во здравствена установа.
Таа е родена во Вевчани, а сега таму гради живот со сопругот и ќерката и посакува ќерка ѝ да има детство буквално исто како нејзиното.
За љубовта кон родниот крај, Драгана споделува за CRNOBELO.com:
„Родена сум во Вевчани, тука пораснав и тука и денес живеам заедно со мојот сопруг и нашата ќерка.
Иако сакам да патувам и да откривам нови места, секогаш со најголемо задоволство се враќам во моето Вевчани – местото кое ми е корен, инспирација и мир.

Во детството најубавите денови ги поминувавме со игрите надвор. Игравме криенка, но и „криенка со план“ – кај нас познати како кришмиш и кришмиш со план.

Секој ден бевме надвор, игравме ластик, брканица, возевме велосипеди, а зимно време уживавме во санкање.
Правевме „воз“ од санки и заедно се спуштавме по снежните улици. Летото пак беше посебна приказна – беревме овошки директно од градините и природата: муренки, капинки, цреши, сливи, круши… вистинско богатство на вкусови и моменти.

Тоа беа безгрижни и топли денови што секогаш ќе ги паметам, а денес најмногу посакувам мојата ќерка да има детство исполнето со истата слобода и радост.
Во зима, пак, најмногу го чекавме празникот Свети Василиј – нашиот прочуен василичарски карневал.

