Наталија Данаилова за родниот град: „Во Богданци зад куќата имам рид, се будам со песната на птиците, гледам зајдисонца“
- Детали
- петок, 05 јуни 2026
„Прва асоцијација кога се говори за моето родно Богданци е природата т.е ридот, кој е мој двор позади куќата. Ридот отсекогаш бил и сè уште е моето безбедно место, каде секогаш се враќам на себе. Таму ми се прочитани скоро сите лектири за во училиште со шише вода во торбиче и чергиче“, емотивно вели пејачката Наталија Данаилова за својот роден град Богданци, кој го посетува во секој слободен миг.

Наталија Данаилова од Богданци, пред околу 16 години настапи во „Македонски идол“ - едно од најпопуларните музички шоуа кај нас.
Публиката ја памети како девојката со силен и моќен глас - и токму таа им беше фаворит на многумина.
Освен во македонското издание на „Идол“, таа настапи во истото шоу во Србија и Црна Гора, а потоа и во бугарскиот „Идол“, заедно со Александар Тарабунов, Дарко Илиевски и Бојан Стојков.
Зад себе Наталија има албум, а и постојани бројни настапи во кафулињата и клубовите низ земјава.
Таа живее во Скопје, но секој слободен миг го користи за да се врати во родното Богданци.
Наталија вели дека го обожава својот роден крај:
„Прва асоцијација кога се говори за моето родно Богданци е природата т.е ридот, кој е мој двор позади куќата.

Порано им бев лута на моите зошто толку далеку живееме, а сега сум благодарна, зошто песната на птиците е првото нешто што го слушам кога се будам наутро.

Ридот отсекогаш бил и сè уште е моето безбедно место, каде секогаш се враќам на себе. Таму ми се прочитани скоро сите лектири за во училиште со шише вода во торбиче и чергиче.
Таму се првите пикници со дедо, баба, брат ми и братучедите.

Првите лекции за ѕвездите, дедо нè подучуваше постојано за сè.
Таму беше првото запознавање со растителниот и животинскиот свет. Таму се испеани и првите песни.

Таму е снимано едно од интервјуата за „Македонски идол“, екипата сама ја избра локацијата.
