Исидора, вереницата на Марио од 2Бона, за CRNOBELO: „Родена сум без матка и не можам да останам бремена - имаме ембриони за сурогат“
- Детали
- вторник, 08 јули 2025
„Јас веста ја дознав на 16 години, иако испитувањата почнаа од 13 и пол години заради недостаток на менструација. На почетокот бев многу гневна и лута на светот, не знаев како да се соочам и да си објаснам зошто баш јас. Марио ми помогна да се помирам со мојот синдром и да го сфатам како дел од мене, дека не сум фалична, ми велеше: 'Престани да се стресираш без потребно кога знаеш дека ќе имаме совршени дечиња'“ - раскажа за CRNOBELO.com Исидора Арнаудова.

Минатата недела јавноста беше сведок на силната љубов која Марио Јелиќ - Кун од 2Бона ја има кон својата сакана Исидора, кога во подкаст на Лазаров раскажа дека таа не може да остане бремена и дека планираат да добијат деца преку сурогат мајка.
Марио од 2Бона: „Девојка ми ми кажа дека не може да остане бремена - сега имаме 3 ембриони спремни за сурогат мајка“
Нивната приказна допре длабоко до голем број луѓе, бидејќи тој на посебен начин покажа колку многу ја сака и дека нејзината состојба никогаш не била пречка за тој да го каже судбоносното „да“ наскоро.

Ја контактиравме Исидора, со цел да ни раскаже нешто подетално околу нејзиниот вроден синдром, начинот на кој дознала дека нема да може да остане бремена, предизвиците со кои се соочувала во животот, решенијата кои постојат и надежта која не ја изгубила благодарение на вистинскиот партнер покрај неа и поддршката од семејството.
Исидора Арнаудова (28) од Скопје веќе 5 години има свој салон за убавина, се подготвува за свадбата со Марио која ќе се случи во септември, а во меѓувреме инспирира голем број девојки, жени и мажи кои се соочуваат со иста или слична состојба.
Прочитајте ја подетално приказната на Исидора, која ја раскажа за CRNOBELO.com...
Твојот иден сопруг, Марио, рече дека не можеш да останеш бремена заради синдром со кој си родена. За кој синдром станува збор и како тој влијае врз здравјето, дали има некои други последици/симптоми?
Да, јас сум родена со синдром таканаречен Кистнер Рокитански накратко или Mayer Rokitansky Küster Hauser. Најпросто наречен агенеза (недостаток) на матка.
Претставува вродено нарушување и настанува поради нарушено развивање на Мулериевите канали односно каналите на матката во ембрионалниот развој.
Овој синдром се дели на 2 типа:
- Тип 1 – Изолиран МRKH каде само матката и горниот дел од вагината недостасуваат, а другите органи се нормални
- Тип 2 – MRKH со други малформации каде се вклучени и аномалии на другите органи особено бубрези (еден недостасува или е нефункционален), ’рбет, срце, слух и вид.
Во мојот случај станува збор за тип 1. Првиот симптом е немање менструален циклус.
Важно е да се напомене дека и покрај аномалиите на матката со овој синдром, јајниците се нормални, хормоните се нормални, како и останатите карактеристики на девојка или жена.

Кога била откриена дијагнозата? Што довело до тоа да се направат испитувања?
Овој синдром нема можност да биде откриен од раѓање бидејќи за негово откривање е потребно да се направи ехо преглед, а јајниците и матката не се гледаат на толку рана возраст.
Синдромот во мојот случај бил дијагностициран на мои 13 и пол години и тоа сосема ненамерно го откри мојата мајка која патем е специјалист по гинекологија и акушерство.
Интересна е приказната за како е откриен бидејќи на мое инсистирање чисто од шала таа се согласи да ме прегледа на ехо за првпат и тука започна сè.
Кога ти дозна за оваа состојба? На која возраст? Кој и како ти го соопшти тоа? Која беше твојата реакција и како го прифати овој момент?
И покрај неколкуте испитувања со кои се соочував од 13 и пол до 14 години, јас веста ја дознав на 16 години.
Целиот пат од почетокот до дијагнозата најискрено ми беше во магла до пред некој ден кога седнав со мајка ми да поразговараме на оваа тема.
Во мојата глава сè се случувало во неколку месеци, а всушност биле години во прашање.
Моите родители кога првично ја дознале дијагнозата осетиле немоќ и болка, но, не поради фактот што нивната ќерка нема матка туку поради суровоста на општеството во кое живееме, како и психичките предизвици со кои знаеле дека јас ќе треба да се соочам.
Дека оваа ситуација не е болест или хендикеп туку психолошки проблем и од страв и земајќи го предвид менталитетот и средината околу нас како и сите предрасуди за тоа што една жена не може да роди дете.
Јас за дијагнозата дознавам во Лондон бидејќи мојата мајка е едуцирана токму таму и сакала пред сè јас да бидам прегледана таму и веста да ми биде соопштена од лекар за којшто има многу високо мислење и е лидер за случаи како моите.

Да напоменам дека и во Македонија беше поставена дијагнозата и истата се дијагностицира и кај другите девојки.
Моите родители чекале да стигнам до одредена возраст на која сметале дека јас ќе бидам психички доволно спремна за да се соочам со оваа ситуација и да можам да ја прифатам правилно, а не конфузно.
Јас веќе чувствував дека нешто не е во ред и дека нешто се случува но, се плашев да прашам и да го слушнам одговорот.
Одењето во Лондон ми го соопштија како girls trip на мене, мајка ми и тетка ми (исто така една од најбитните и влијателни личности во мојот живот) но, спомнаа и посета на доктор чисто за да видиме до каде сме со ситуацијата не добивање менструален циклус.
Првичното слушање на веста од докторот во Лондон ми беше шок и морам да признаам дека ми го скрши срцето, но, поради возраста на којашто бев, не сакав сè уште да се соочам со што таа значи и си велев „има време за деца“.

Како ти влијаеше фактот што знаеш дека не можеш да останеш бремена, на љубовниот живот? Дали беше помирена со ситуацијата или во себе знаеше дека има надеж?
Бев многу гневна и лута на светот, не знаев како да се соочам и да си објаснам на себеси зошто баш јас.
Во тинејџерските години бесот го насочував на погрешно место наместо да се соочам со ситуацијата.
Кога почнав да растам и околу мене да гледам девојки кои забременуваат, почнав да размислувам за иднината и за тоа кога јас ќе имам семејство, па она од коешто бегав, почна да ме стига.
Марио е оној кој ми помогна да се помирам со мојот синдром и да го сфатам како дел од мене, да сфатам дека не сум фалична или невредна туку дека така требало да биде, има решение и тоа е најважно.
Сум имала ситуации со партнер кога мојот синдром бил употребен против мене што било дополнително сол на раната и ми отежнало во прифаќањето на себеси онаква каква што сум но, не би сакала да навлегувам бидејќи денес тоа не ми значи ништо и е само доказ дека луѓето кои се до нас, без разлика дали партнер, пријател или фамилија можат многу да влијаат на нашата психа и начинот на кој се вреднуваме себе.

Како и кога му ја соопшти оваа информација на твојот сегашен вереник Марио? Се сеќаваш ли на моментот, се подготвуваше ли за тоа, ти беше ли страв од реакцијата и исходот, каква беше неговата реакција, што си помисли отпосле?
Бевме на самиот почеток од врската и решив да му соопштам на време пред да стане сериозно за да има простор да размисли дали е спремен на таков чекор, а и за да се заштитам себеси од болка.
Точно се сеќавам на моментот како да беше вчера, си лежевме и јас му кажав дека морам да му соопштам нешто многу сериозно и мислам дека малку се уплаши (хаха).
Кога завршив со приказната, неговите зборови беа: „И? Ова ли беше толку страшно?“.
Целиот страв и стрес кој го имав, секундарно го снема и бев зачудена како ова не го стресе или не направи да се повлече. Тој е оној кој ми ја врати вербата во вистинска љубов, поддршка и ме научи да се сакам себеси.

