Исидора, вереницата на Марио од 2Бона, за CRNOBELO: „Родена сум без матка и не можам да останам бремена - имаме ембриони за сурогат“
Како понатаму се соочувавте како пар со оваа ситуација? Дали зборувавте често на темата или го спомнавте дури кога дојде време за следната фаза и создавање заедничко семејство?
Искрено немаше некое соочување бидејќи тој никогаш не дозволи ова да биде претставено или прифатено како проблем, туку како една ситуација за која има решение.
Бидејќи јас поминував низ сите емоции на прифаќање и помирување, како и тоа дека времето за создавање семејство се ближи, често знаев да дозволам да ми влијае психички, но, Марио никогаш не остави тоа да трае повеќе од 5 минутки.
Во секое време бил тука да ме утеши и да ми покаже колку ме вреднува без разлика на сè, а зборовите кои најмногу ме радуваа биле: „Престани да се стресираш без потребно кога знаеш дека ќе имаме совршени дечиња“.

Дали некогаш некој се обидел да на некој начин ве раздели заради ова? Како тој се справувал со овој предизвик, добивал ли невкусни коментари од околината?
Не, никогаш поради тоа што многу малку луѓе знаеја за оваа ситуација и не зборувавме на оваа тема надвор од најблискиот круг.
Во кој момент сфативте дека ќе се обидете да добиете дете со помош на сурогат мајка? Дали ти ова го имаше како опција и желба отсекогаш или заедно дојдовте на идејата?
Отсекогаш знаев дека начинот да добијам дете е сурогат така што само му го објаснив процесот на Марио и тој го прифати без проблем.
Каков е процесот за наоѓање сурогат мајка во Македонија? Кои се условите? Раскажи ни малку подетално на оваа тема.
Во Македонија постои закон за био потпомогнато оплодување во кој е инкорпориран и законот за сурогатство, поточно гестациски носител.
Законот е донесен во 2014 година и функционира во нашата држава по строго одредени правила и процедури.
Во Министерството за здравство постои одел којшто ја спроведува процедурата.
Првиот чекор на паровите коишто сакаат да го остварат правото за гестациски носител е да се пријават во регистарот којшто го води Министерството за здравство, а истовремено постои и регистар каде може да се пријават жените кои би сакале да бидат гестациски носител.
Паровите имаат право да го изберат гестацискиот носител.
Во законот прецизно стои дека жената која сака да биде гестациски носител пред сè треба да го направи тоа од алтруистички и хумани побуди, но, и нејзината финансиска поддршка е исто така регулирана со овој закон.
Досега во Македонија 12, а можеби и повеќе парови добиле бебе преку гестациски носител.

Сега имате три смрзнати ембриони. Но, каков беше целиот процес за да стигнете до тоа? Испитувања, хормонски терапии, инјекции, солзи, емоции, промени во телото – низ што се помина, како го доживеа тоа?
Низ овој процес проаѓавме минатата година и беше доста психички, но, за мене и физички предизвикувачки.
Кога решивме дека е време, почнавме со хормонски инјекции кои ги примав 10-ина дена, првите неколку дена само по една, потоа и по две на ден.
На секои 2 дена одев на прегледи и на крвна проверка на хормоните.
Целиот процес го поднесов доста емотивно, но во ниеден момент не дозволив да паднам психички или тоа да влијае на позитивата која ја имавме околу целиот процес.
Не зборувавме со никого за тоа низ кое проаѓавме, бидејќи прво сакавме позитивни резултати.
Искрено јас се поправив неколку кила, ми беше тешко бидејќи имав надуеност во целото тело, гадење, нешто за кое ме предупредија докторите, а многу беше интересно тоа што не можев ништо да јадам освен крем банани.
Крајниот момент беше вадењето на јајцеклетките коешто се извршува под целосна анестезија што за мене беше прво такво искуство и доста стресно.
По вадењето на јајцеклетките, се спојуваат со сперматозоидите на мажот и потоа се чека за резултатот колку ембриончиња успеале.
Тие 5 дена додека чекавме да нè известат беа баш стресни и емотивно хаотични ама на крајот кога ни јавија со веста дека имаме тројца мускетари, на среќата ѝ немаше крај.
Низ целиот овој процес ме водеше мислата дека сè што правам е за нашето семејство и сè низ што поминувам, ќе вреди кога ќе имам бебе во рацете.

Колку е важна поддршката од партнерот во овие моменти? Каква поддршка ти беше тебе Марио, имаш ли некои моменти што секогаш ќе ти бидат врежани во сеќавање и на што ќе си благодарна? Што ти даваше тебе сила во овие моменти?
Поддршката од партнерот во овие моменти е една од НАЈважните ставки за целата процедура да заврши со позитивен исход.
Марио во текот на целата наша врска, а посебно тој период was my rock (беше моја карпа).
Иако бев на раб на нервен слом од хормони (хаха), се шегувам ама навистина ми беше тешко да се справам со сите емоции кои доаѓаат одеднаш, но во ниеден момент не се осетив осамено.
Беше тука 24/7 за што и да посакав и ме чуваше како богатство (како и секогаш не само во тој период).

Си разговарала ли некогаш на темата со други луѓе или си го криела во себе ова? Дали познаваш други девојки кои се соочуваат со истото? Колку е честа оваа состојба?
Избегнував да разговарам на оваа тема бидејќи се немав целосно соочено со сето тоа, но моите родители, сестра ми и Марио беа оние на кои секогаш можев да се потпрам.
Лично не познавам девојки со овој синдром, но досега имав слушнато за 2 случаи, а од кога решивме јавно да зборуваме на оваа тема ми пишаа и споделија со мене неколку девојки кои се наоѓаат во истата ситуација како мене, парови и девојки или жени кои се борат со други ситуации слични на ова.
Искрено ми беше шок иако знам колку мојот синдром е чест т.е. една на 3000-4000 девојки, сепак ова ми докажа колку навистина борбата со овој тип на синдроми или неплодност и проблеми за оформување семејство е табу тема.

Кој е твојот совет до сите оние кои се соочуваат со ваква или слична состојба?
Ова не е болест, ниту хендикеп, едноставно така сме родени, нема виновен, најмалку ние.
Овој тип на ситуации се психолошки проблем кој се надминува и којшто пред сè е најсилен поради менталитетот и средината во која живееме, како и предрасудите со кои би се соочиле.
Сакајте се какви што сте, сите сме посебни и прекрасни на свој начин, совршенство не постои, а и не треба да го бараме.
За сите постои партнер кој ќе ја прифати ситуацијата како Марио мојата и ќе направи да се осеќате како тоа да е најлесно решливиот „проблем“ во вашиот живот.
За сè има решение, колку и да не е лесно, длабок воздух, глава горе и сè ќе си дојде на своето.
Веруваше ли дека толку долго ќе истраете со Марио? Си го замислувала ли овој момент, како имаш покрај себе човек што толку силно те сака, што е подготвен на сè за тебе, па дури и на тоа да нема деца, како што самиот кажа?
Ајде нема да кажам знаев (хаха), ама отсекогаш и двајцата имавме некое чувство дека ова е тоа.
После 7 години со Марио не се сеќавам на момент каде не сум го замислувала ова и сум благодарна до небо што имам ваков благослов до мене, а и што утре нашите деца ќе растат со татко кој ќе ги научи на сите вистински вредности и кој нивната мајка ја цени, почитува и сака како што би сакала секоја жена.

Се подготвувате ли за свадба? За кога е планирана? Како одат подготовките?
Уффф уште малку, едвај чекаме искрено. Свадбата е во септември, сè е спремно уште од пред 6 месеци, бидејќи јас ништо не оставам на случајности или неисконтролирано.
Марио секогаш се шегува со мене дека сум агент 007 и ништо не може да ми избега па така и ова.
Нема да правиме огромна свадба, туку баш само со оние луѓе кои знаеме дека вистински и искрено се радуваат на нашата љубов и среќа.
Нема да откривам повеќе за да биде магично како што и испланиравме, ама дефинитивно ќе можете да ја проследите на Инстаграм.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
М. М. | Црнобело
