Марио (21) од Битола учи факултет и има фарма во село Крклино: „Носам кози на пасење, собирам јајца од кокошките“
Зошто избра да студираш ветерина? Дали факултетот ти помага за подобро работење на фармата?
Љубовта кон животните постоеше од моите први сеќавања од животот. Меѓутоа ветерината не.
Имав повеќе планови за идната професија, но сепак на крај како најдобар избор ја донесов одлуката за запишување на Ветеринарен факултет - Битола.
Апсолутно факултетот ми помогна подобро да се соочам со предизвиците и да го подобрам квалитетот на грижа на животните.

Пасиш ли кози? Како изгледа тоа? Имаш ли можеби кавал или некое радивце?
Пасењето на козите е неизбежен дел од работната активност. Тоа мене ме релаксира, се шетаме по околните ливади, козите пасат свежа зелена трева и брстат растенија.
Немам ни кавал ни радивце, но затоа имам мобилен телефон.
Мојот мобилен телефон ми помага, преку социјалните мрежи и следењето на други фармери да остварам контакт со нив, да размениме мислење и искуства, а воедно и идеи кои можам да ги применам на фармата, а подоцна да се споделат и на профилот на фармата.

Дали се гледаш повеќе како ветеринар или сопственик на фарма?
Се гледам повеќе како сопственик на фарма. А искуството кое ќе го стекнам на факултет ќе го применам во работата со животните на фармата.
Но, секогаш постои и друго сценарио кое може да се случи, но сега цврсто стојам на овој став.

Дали планираш да ја прошириш фармата во иднина?
Се разбира дека сакам да се прошири, првенствено во зголемување на бројот на видови кои моментално ги одгледувам, а исто така и проширување на фармата со други видови како што се пајки, птици ему, гуски, мисирки, овци, магаре, коњ, крава - со еден збор сакам сè.

Те сакаат ли локалците во Крклино? Имаш ли пријатели оттаму? Има ли млади?
Имам супер пријателски однос со сите локалци. Често се советувам со локалните фармери и морам да признаам дека несебично споделуваат.
Селото има многу убава локација, непосредно до Битола, доста е населено, а има и млади.
Меѓутоа ретко кој сака да се занимава со фармерство.

Зошто животот на село има посебна магија? Би живеел ли некогаш или сепак си за градски живот?
Посебноста на селскиот живот лежи во мирот и спокојот кој селото го нуди. Тука времето поминува побавно, но поспокојно.
Животот на село има посебна еуфорија. Звуците како шумот на дрвјата од ветерот, огласувањето на животните, жуборот од најблискиот поток се целосно релаксирачки.

На село можеш да вдишиш длабоко и да не почувствуваш непријатен мирис карактеристичен за загадениот градски воздух.
Сега, најдобро ми е да живеам во градот, ама сепак најголем дел од денот да го поминувам на село.
Како би се проширувала фармата најверојатно целосно би се преселил на село и би се посветил на една работа, бидејќи тешко е да изведуваш повеќе работи одеднаш, во тој случај невозможно е сите задачи да се завршат најдобро.
