Марио (21) од Битола учи факултет и има фарма во село Крклино: „Носам кози на пасење, собирам јајца од кокошките“
- Детали
- недела, 03 мај 2026
„Живеам во Битола, но на имотот од дедо ми во село Крклино на 15 години ја започнав својата фарма, кога купив 6 кокошки и 1 петел. Сега, од млекото на козите правам козјо кисело млеко, сирење и сапун“, вели младиот и инспиративен Марио Булевски, кој го обожава руралниот живот.

Марио Булевски (21) од Битола е студент на Ветеринарен факултет – Битола, но сам си направил фарма на имотот од дедо му во село Крклино, битолско.
Почетокот на неговата фарма е во јуни 2019 година, кога ги купил нејзините први членови, а тоа биле шест кокошки и еден петел.
Тогаш имал само 15 години, немал знаење и искуство, но имал голема желба и амбиција. И успеал!
„ И покрај тоа што сум роден и израснат во град, немам проблем моето секојдневие да го поминувам на село со животни. Уживам во тоа!“, вели Марио.

Тој ја споделува својата приказна за CRNOBELO.com:
Како започна приказната со фармата?
Месец јуни 2019 година е посебен за мене. Тогаш за првпат мојот детски сон за кој мечтаев се оствари.
Почетокот беше скромен, јато кокошки 6+1, но бројот на животни на фармата од година во година се зголемуваше, како во геометриска прогресија, и еден ден, ако така продолжи, ќе одгледувам бесконечен број на животни.
Не како бројка, туку како доказ дека со трпение, работа и љубов, детските соништа навистина стануваат реалност.

Како изгледа еден твој типичен работен ден на фармата?
Секој работен ден е предизвик за себе и ниеден не е идентичен со претходниот.
Времетраењето на истиот е зависно од должината на светлината во текот на денот.
Претпладне сум посветен на реализација на обврските на факултет, а попладне одам на фарма.

Кога пристигнувам на фармата, започнувам со набљудување на моменталната состојба.
Од неодамна има мала промена во рутината и најпрво одам во проверка на најновите членови на мојата фарма т.е. јарињата кои се родија пред неколку дена.
Следна обврска е напасување на козите.

Времетраењето зависи од нивниот апетит и временските услови.
Потоа следува враќање на фармата и започнувам со подготовка на храна за сите животни (кокошки, бисерки, кози, куче, мачки) и миење на садовите за напојување и полнење со свежа вода.
Следува молзење и процедување на млекото. И за крај, собирање на снесените јајца од кокошките и бисерките.


Како момче од град се снаоѓа во село? Зошто токму Крклино?
Покрај тоа што сум роден и израснат во град, немам проблем моето секојдневие да го поминувавам на село со животни.
На почетокот ми беше потребно време за адаптација поради тоа што никој од моето потесно семејство не се занимавал со одгледување на животни, и едукацијата мораше сам да ја обезбедам преку разговор со други фармери, интернет и сопствено искуство.
Крклино е локацијата на мојата фарма бидејќи таму имам имот од дедо ми.

