Д-р Даниела Попоска, онколог: „Не секоја промена и грутка значи карцином, најмлада пациентка ми била 19-годишна“
- Детали
- четврток, 19 март 2026
„Јас лично, не штедам ниту напор ниту време за правилното и целосното информирање на пациентот за лекувањето. Несаканите ефекти зависат од типот на хемотерапијата и најчести се симптомите како – гадење и повраќање, потоа паѓање на косата, малаксаност, и промени во крвната слика“ - вели за CRNOBELO.com д-р Даниела Попоска.
Д-р Даниела Попоска е специјалист по онкологија и радиотерапија во Клиничка болница Аџибадем Систина-Скопје и сертифициран специјалист за дојка од Европска школа за онкологија.
Со неа поразговаравме за изборот на оваа гранка од медицината, за ризик-факторите за развој на карцином, симптоми за рак на дојка, но и дали секоја промена на градата значи карцином.
Таа објаснува како изгледа дијагностицирањето и лекувањето, како функционира имунотерапијата, кои се несаканите ефекти од хемотерапија и радиотерапија, но и постојано нагласува колку е важен индивидуалниот пристап.
Во продолжение целото интервју со д-р Даниела Попоска:
Од кога работите во полето на онкологијата? Како се решивте за оваа гранка, посебно за рак на дојка?
Во текот на студиите на Медицинскиот факултет, во рамки на програмата по општа медицина, имавме предмет Онкологија, но тој претставуваше само почетна сензибилизација за комплексноста и реалната тежина на оваа област.
Моите професионални почетоци во онкологијата датираат од 2009 година, најпрво како лекар-волонтер, а потоа и како лекар на специјализација на Клиниката за онкологија и радиотерапија во Скопје.
Би рекла дека низа на случајности ме одведоа токму таму таа 2009 година. Во текот на едукацијата се стекнувате со знаење и вештини за различни области и предизвици, но вистинската длабочина на онкологијата ја разбирате кога ќе се соочите со пациентот и неговата приказна.

По завршувањето на специјализацијата, најпрво работев како лекар-специјалист на Одделот за малигни тумори на централниот нервен систем, потоа на Одделот за генитоуринарни тумори, а извесен период и на Одделот за гастроинтестинални тумори.
Но најголемата мотивација ја добив со почетокот на работа со пациентките со дијагноза на карцином на дојка.
Токму таму најсилно ја почувствував тежината на онкологијата – не само како медицина, туку како животна пресвртница, и сфатив дека со една прецизна, навремена и човечка одлука понекогаш директно се менува текот на целиот живот на пациентката.
Кои се ризик фактори за појава на рак и дали се разликуваат зависно од тоа каков тип на рак и на кој дел од телото е?
Малигните заболувања настануваат од повеќе фактори.
Во нашиот организам постои баланс од генетски информации за настанување на малигно заболување и генетски информации кои ги поништуваат тие информации, така наречени онкогени и туморски супресорни гени.
Кога ќе се наруши нивниот баланс, доминираат онкогените и сигналот за малигна промена, започнува малигното заболување.
Сето ова се случува заради вродени или стекнати генетски мутации (промена во генетската информација или нарушување во генетскиот сигнал).
Овие променети информации предизвикуваат од нормалната клетка да се создаде малигна клетка која расте и се однесува неконтролирано.
Стекнатите мутации настануваат заради надворешни влијанија, најчесто радиоактивност, загаден воздух, стрес, пушење и алкохол, неправилна исхрана и конечно заради недоволна физичка активност.
На развој на некои малигни болести влијаат и некои вирусни или бактериски инфекции, односно од нив предизвиканите воспалителни процеси.
На кои симптоми за рак на дојка треба да се обрне внимание? Дали секогаш грутките кои се напипуваат или промените на брадавиците значат рак?
Најчести симптоми и знаци кои укажуваат дека нешто се случува со дојката се опипливи промени во структурата на ткивото – често во форма на грутка, потоа промена во големината и формата на дојката, промена во бојата и изгледот на кожата, исцедок од брадавката, вовлекување на брадавката, а во одредени случаи и опиплива грутка во пазувата.
Овие симптоми значат дека обврзувачки треба да се направи преглед. Секоја промена на брадавката или опиплива грутка не значи карцином, особено кај жени кои се во репродуктивен период.
Инаку, во периодот пред и околу менструален циклус физиолошките процеси можат исто така да предизвикаат транзиторни промени во дојката.
Но сепак, при забележување на нешто невообичаено треба да се направи преглед кај специјалист, кој ќе постави дијагноза дали се работи за бенигна или сомнителна лезија и ќе даде насоки за понатамошно постапување.

Колку често Македонките се соочуваат со дијагноза рак на дојка? И која е возраста на најмладите пациентки кои сте ги имале?
Карциномот на дојка е најчесто малигно заболување кај жените со втора најголема смртност.
Во светот повеќе од 2.6 милиони жени годишно добиваат дијагноза на карцином на дојка, а повеќе од шестотини илјади умираат.
Бројките бележат растечки тренд насекаде, а кај нас иако нема официјален регистар на малигни заболувања, ситуацијата се влошува од година во година, и тоа во просек со нови 1200-1500 нови случаи годишно.
Последните години во светот има зголемување од 4-5% на млади пациенти (на возраст под 30 години). Бројките се слични и во Македонија.
Карциномот на дојка е сè уште најчест околу 60-годишна возраст со зголемување на просечниот ризик од 50-та година натаму.
Во последната декада се бележи и спуштање на долната граница, односно зголемен број на навистина млади жени со малигнитет на дојка.
Најмладата пациентка која сум ја третирала имаше 19 години.
Има ли вистина дека мајките кои дојат се помалку склони кон ова заболување?
Еден од факторите кои влијаат на намалување на просечниот ризик за развој на карцином на дојка се раѓањето и доењето, посебно на помлада возраст.
Намалувањето на ризикот се состои во намалување на изложеноста на естрогени, што се случува со бременоста и доењето.
Претходното, сепак не ја исклучува целосно дијагнозата на карцином на дојка и овие случаи ги сметаме како посебен ентитет во онкологијата.
Тие жени најчесто имаат дополнителни ризик фактори.

Како се дијагностицира и лекува рак на дојка? Дали се секогаш задолжителни хемотерапија и радијација по операција?
Дијагностиката на промените на дојката започнува со мамографија, продолжува со ултразвучен преглед кој ги вклучува и пазувите и вообичаено се заокружува со т.н. кор-биопсија со која се потврдува или се отфрла дијагнозата.
Кај потврдената дијагноза, зависно од клиничкиот стадиум, се прават и дополнителни иследувања и процедури.
Со прегледот и сликовната дијагностика лекарот го утврдува клиничкиот стадиум согласно што се планира лекувањето.
Нагласувам дека би било сосема погрешно да се направи избор за начин на лекување, оперативно или конзервативно без да се постави клиничкиот стадиум на болеста.
Тоа значи точна информација за големината на туморот, дали има зголемени и изменети лимфни јазли во пазувата.
За истата цел потребно е да се знае и т.н. HER – статус на туморот, како и тоа дали неговиот раст е зависен од присуството на естрогени.
Оттука заради правилен пристап и пред третманот на секој пациент упатно е да се изработи и имуно-хистохемиска метода на материјалот добиен со кор-биопсијата, со што се добива одговор на овие прашања.
Науката и праксата докажале дека кај дел од пациентите подобро е да се почне третманот со хемотерапија, а хируршкиот третман доаѓа на ред дури по нејзиното завршување.
Сепак, ќе напомнам дека хемотерапијата или пак радиотерапијата може во одредени случаи да не се дел од третманскиот протокол, а тоа се должи пред сè на персонализираниот пристап, кој пак е зависен од клиничкиот стадиум и спомнатите карактеристики на туморот.
