Д-р Даниела Попоска, онколог: „Не секоја промена и грутка значи карцином, најмлада пациентка ми била 19-годишна“

Како функционира имунотерапијата? Дали е потребна кај сите пациенти?

Живееме во времето на имунотерапијата, која e третман на избор за поголемиот дел малигни болести. Со вклучувањето имунотерапија во третманот му се помага на организмот да го засили одбранбениот одговор преку подобро препознавање и поефикасно елиминирање на малигните клетки.

Познато е дека секој карцином не предизвикува подеднакво силен имун одговор. Токму затоа првите истражувања и примена на имунотерапијата во онколошкиот третман започнаа кај малигниот меланом на кожата – еден од најимуногените форми на малигно заболување.

Спротивно, карциномот на дојката создава релативно послаб одговор, па во моментов имунотерапија се користи според протоколи и надвор од клинички истражувања само кај т.н. „тројно негативен“ карцином на дојка.

Во одредени случаи имунотерапијата може да се даде самостојно, но најчесто се додава на хемотерапијата за да го зголеми нејзиниот ефект.

И во едниот, и во другиот случај се раководиме од иследувања, познати како биомаркери, кои имаат предиктивна вредност за очекуваниот ефект на имунотерапијата кај тестираниот пациент.

Повторувајќи дека случај на малигно заболување има свои особености, па дури и секоја епизода во текот на болеста е различна, сакам уште еднаш да ја нагласам важноста на персонализираниот пристап.

d-r-daniela-poposka-onkolog-ne-sekoja-promena-i-grutka-znachi-karcinom-najmlada-pacientka-mi-bila-19-godishna-07.jpg

Кои се најчестите несакани ефекти од радиотерапијата и хемотерапијата и како се контролираат?

Тргнете од фактот дека секој лек има упатство каде се опишани несаканите ефекти. Во онкологијата важат истите правила.

Кај нас постои голем страв и стигматизација на хемотерапијата и несаканите ефекти, а еден чекор кон намалување на истите се правилна информација и објаснување пред почетокот на третман.

Јас лично, не штедам ниту напор ниту време за правилното и целосното информирање на пациентот, кое понатаму се покажува многу важно за текот и исходот на третманот.

Навистина клучно е објаснувањето со што се соочува пациентот, каква е дијагнозата, каков е текот на лекувањето и можните несакани ефекти, и конечно да се разговара какви се очекувањата и на лекарот и на пациентот.

Инаку, несаканите ефекти зависат од типот на хемотерапијата и најчести се симптомите од гастроинтестиналниот систем – гадење и повраќање, потоа паѓање на косата, малаксаност, и промени во крвната слика.

Несаканите ефекти од радиотерапијата зависат пак од локацијата каде се аплицира. Несаканите ефекти од зрачење кај пациенти со карцином на дојка се минимални и најчесто изразени како локално црвенило на кожата односно т.н. радиодерматит.

Ќе заклучам со тоа дека секој третман во лекувањето на онколошките пациенти има свои несакани ефекти од различен степен.

Хируршкиот третман исто така има несакани ефекти. За жал во нашава земја многу ретко се зборува или се третира лимфедемот, кој е честа последица на оперативниот третман кај пациентите со карцином на дојка.

Ова прашање заслужува многу поголемо внимание од она кое сега му се посветува, и тука е клучна рационалната хирургија, напредните оперативни техники и секако детален разговор со хирургот за можните несакани ефекти од процедурата.

Последново уште повеќе, бидејќи дел од решението за настанатиот лимфедем повторно е софистициран хируршки третман.

d-r-daniela-poposka-onkolog-ne-sekoja-promena-i-grutka-znachi-karcinom-najmlada-pacientka-mi-bila-19-godishna-05.jpg

Колку е важно како доктор да им влеете доверба на пациентите, каков е вашиот пристап? Се поврзувате ли?

Довербата меѓу пациентот и лекарот е темелот на кој се потпира целиот процес на лекување.

Тоа е однос кој се гради низ динамичен процес на размена на информации, во кој и двете страни се рамноправни и треба да резултира со стекната доверба и почит.

Довербата лекарот ја стекнува со хуманиот пристап, стручноста, опсегот и точноста на понудените информации – од друга страна пациентот ја гради довербата пред сè со придржувањето кон дадените совети и интересот за зачувување на сопственото здравје.

Секој пациент досега и секоја човечка приказна влијаеле врз мене, и во тој процес јас сè уште се чувствувам дека учам, од секој и со секој пациент.

Мојата дефиниција за релацијата со пациентот е професионален емпатичен однос. Тоа ми помага да ги донесам за нив најдобрите одлуки.

Во секој случај неретко при средби со пациенти знаеме да поразговараме како стари познаници и пријатели на различни теми, да споделиме некое животно искуство, па и да испиеме кафе ако времето тоа ни го допушта.

Колку често треба да се прави ехо на дојки, а од која возраст се прави мамографија и зошто не се препорачува порано?

Секоја земја ја адаптира својата превентивна или т.н. скрининг програма согласно карактеристиките и параметрите на населението, проценетите ризици и ресурсите.

За среќа нашето Министерство за здравство организира континуирана скрининг програма за карцином на дојка веќе неколку години наназад.

Препораките упатуваат на започнување со превентивни прегледи од 40-годишна возраст и тоа во прв ред мамографски прегледи, бидејќи се смета дека од таа возраст просечниот ризик се зголемува.

Првата мамографија се прави на 40 години, а при просечен ризик на секои следни две години. Кај оние жени, девојки кои имаат генетско оптоварување, потребно е истиот да започне дури и порано.

Сепак, основа на превенцијата е следењето на сопственото тело и самопрегледот, кој е задолжителен на месечно ниво, интервал сосема доволен да се воочи секоја промена навремено.

Ехосонографскиот преглед е комплементарен на мамографијата. Разликата е во тоа што кај него нема јонизирачко зрачење и е погоден за примена и кај девојки во третата декада, а по потреба и порано.

Сепак да нагласам дека златен стандард во превентивната стручна дијагностика сè уште е дигиталната мамографија.

d-r-daniela-poposka-onkolog-ne-sekoja-promena-i-grutka-znachi-karcinom-najmlada-pacientka-mi-bila-19-godishna-08.jpg

Дали постојат некои ризици за пациентите кои се излекувале од рак на дојка? И на што треба да внимаваат понатаму во животот?

Ризикот за појава на рецидив на болеста зависи од многу фактори, вклучувајќи стадиум на болест, возраст, рецепторен статус и ред други.

Пациентка која е излекувана од карцином на дојка сепак носи поголем ризик за рецидив или појава на втор малигном во однос на општата популација.

Затоа се прават редовни контролни прегледи кои се адаптирани на проценетиот ризик. Пациентките кои пак носат генетска наследна мутација, имаат доста поголем ризик во однос на развивање карцином и на другата дојка или и на јајниците. 

За нив секогаш се спроведува генетско советување, адаптирање на контролни прегледи согласно ризикот, возраста и предлог за превентивни оперативни интервенции, како превентивна операција на другата дојка за намалување на ризикот или превентивно отстранување на јајниците.

Ќе повторам, персонализација во секој пристап.

Најважно е да внимаваат на себе. Да ја почитуваат и сакаат својата личност, да си поклонат доволно време и направат нешто само за себе, исто како што одвојуваат време за семејството.

Да го чуваат здравиот сон, да јадат здрава храна и да имаат редовна физичка активност – едноставно да го живеат животот нормално, како и пред појавата на болеста.

Карциномот на дојка се лекува, но во тек на тоа лекување не смееме да ја изгубиме личноста. Ведрината, надежта и вербата во себе, покрај терапијата, се наше и нивно најсилно оружје.

d-r-daniela-poposka-onkolog-ne-sekoja-promena-i-grutka-znachi-karcinom-najmlada-pacientka-mi-bila-19-godishna-02.jpg

Кои се најголемите митови во кои луѓето кај нас лажно веруваат, а се поврзани со оваа болест или со самото лекување? 

Мит е дека секоја малигна болест е фатална.

Мит е дека може преку поддршка на имуниот систем со различни суплементи, витамини и антиоксиданти, по кои пациентите посегнуваат без стручен совет, може да се превенира или третира канцерот.

Напротив, постојат сознанија за високите дози на одредени витамини и антиоксиданти и нивно неконтролирано внесување, во смисла на реален ризик фактор.

Мит е дека карциномот се развива преку ноќ и одлуката за третман треба да се донесе во истиот момент.

Мит е, исто така, дека малигната болест кај секој пациент најдобро се третира и се отстранува само по хируршки пат.

Мит е дека одлуката за третманот на пациентот е само одлука на лекарот. Мит е дека пациентот е само пасивен учесник во процесот.

Има многу митови. Не сум сигурна дали и на цела страница би успеала да ги набројам сите.

Кој момент во вашата кариера најсилно ве обликувал како лекар? На што сте најгорди?

Во мојата кариера и професионален развој имало многу предизвици кои силно влијаеле врз мене – не би можела да издвојам еден посебно, па дури ни неколку.

Практикувањето медицината за мене не е кариера, таа е избор, таа е начин на живот.

Најмногу се гордеам што никогаш не сум откажала од себеси и моите убедувања, мојата љубов кон животниот повик и тоа што никогаш не се откажувам од пациентите.

И кога нема надеж имам верба во вистината, емпатијата и љубовта.

Кои ритуали или навики ви помагаат да останете ментално стабилни и фокусирани, со оглед на стресната работна околина и емоционалниот товар?

Најголема сила, инспирација и поддршка имам од семејството, мојот сопруг и моите деца.

Преку музиката, уметноста, патувањата и дружбата со пријателите наоѓам начин за канализација на емоционалниот товар и обнова на енергијата.

Фокусот и мотивацијата ги одржувам со континуираната едукација и комуникацијата со колеги од други центри во Европа и светот.

Една од најголемите радости во секојдневната пракса ми се насмевките на лицата од пациентите.

Можам слободно да кажам дека искрено и длабоко сум благодарна на тоа што ми е дадена можност постојано да придонесувам за создавање позитивни промени во моето професионално и лично опкружување.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

М. М. | Црнобело



Би можело да ве интересира:

Боро Мирчески: „Син ми до 3 и пол години не кажа ниту еден збор, по многу работа, на првото ‘мама’ -... „Првите знаци дека во развојот на детето се можни заостанувања беа околу 18-иот ...
Aнгела Дончева: „На 22 години ми дијагностицираа леукемија, имав трансплантација во Германија, раскр...  „Зборот леукемија ме преплаши, почнав да читам сè за тоа. Но, мајка ми еде...
Зоран Мијалков e самохран татко на два сина со аутизам, Петар (21) и Никола (14): „Страв ми е што ќе... „Еднаш, пред две години, ми се случи да се онесвестам додека ги шетав на планина...
Љубовната приказна на Снежана и Зоран Матовски - родителите на Цако, момчето со Даунов синдром кое п... Се запознале во клупче на Бит Пазар, се чекале кај Црвената болница, 42 години с...
Аница 55 години живее во САД: „Се преселив на 16, со сопругот изградивме куќа во Ресен да имаме свое... „Америка не ме пушта да си заминам засекогаш во Македонија, зашто таму ми се дец...
Наташа од Струмица за ракот на дојка: „Децата (12 и 5) ме проверуваа дали дишам - тоа ми беше потешк... „Во септември 2020-та самоиницијативно направив ехо на дојка и ми рекоа дека сè ...

Најчитани неделава