Сузана Хаџи Илиќ е модна бизнис дама со страст за патувања - ја сака модата и верува дека стилот е израз на личноста
- Детали
- недела, 22 март 2026
„Потекнувам од реномирано скопско угостителско семејство со долгогодишна традиција. Моите денови се динамична комбинација од државни проекти, претприемништво и мајчинство. Слободното време го користам внимателно – за патувања на дестинации каде што модата, луксузот и убавината се спојуваат во едно“, вели Сузана Хаџи Илиќ, која балансира со државни проекти, претприемништво и мајчинство.

Сузана Хаџи Илиќ (41) е мултијазичен интернационален консултант за бизнис и дипломатски односи и стратегии, неодамнешна добитничка на International Business Woman Award 2025 во категоријата „Извонредни достигнувања во управување со повеќе компании истовремено“.
Во Македонија застапува меѓународен консалтинг за управување со проекти финансирани од Европската унија, работејќи на комплексни државни проекти со високи институции како Јавното обвинителство, судовите, Министерство за внатрешни работи, амбасади и дипломатски претставништва, како и на проекти поврзани со НАТО, организација на настани и стратешка меѓународна соработка.
Своето образование и магистратура ги завршила во Мадрид, по што започнала професионална соработка со компании од Шпанија, градејќи мост помеѓу европските пазари и Македонија.
„Но, мојата приказна не започнува во канцеларија“, вели Сузана.

Таа ја споделува својата приказна за CRNOBELO.com:
Kaко започна твојата деловна приказна?
Потекнувам од реномирано скопско угостителско семејство со долгогодишна традиција.
Никогаш не кријам дека имав „грб“ – силен семеен бекграунд во угостителството, кој ми даде темели, вредности и деловна дисциплина.
Освен во меѓународниот консалтинг, долги години успешно се занимавам и со угостителство, бутици за луксузна облека и трговија со накит, комбинирајќи бизнис логика со чувство за естетика.
Мојата професионална приказна, започна многу рано.

По смртта на татко ми, на многу млада возраст ја преземав одговорноста за семејните бизниси и наследството. Наместо безгрижни тинејџерски денови, имав обврски. Наместо удобност – борба.
Таа борба ме обликуваше во жена која не се плаши од товар, туку го носи со достоинство.
Потоа, животот повторно ме стави пред предизвик – како самохрана мајка. Родител сум на 10-годишен син.

Моите денови се динамична комбинација од државни проекти, претприемништво и мајчинство. Состаноци, конференции, службени патувања, работа од лаптоп во автомобил или на аеродром – сето тоа е дел од моето секојдневие.
Слободното време го користам внимателно – за патувања на дестинации каде што модата, луксузот и убавината се спојуваат во едно.
Перфекционист сум по природа, верувам дека успехот не е случајност, туку резултат на дисциплина, традиција и лична храброст.

Каков моден стил имаш? Твои омилени модни парчиња и твоите модни правила…
Мојот моден стил е вечна борба помеѓу дисциплината и страста.
Во професионалните часови морам да бидам класика – добро скроен костум, јасна силуета, авторитет.
Работам со институции, амбасади, високи структури и таму изгледот е дел од јазикот на комуникацијата.
Јас сум огромен обожавател на модата. Секогаш велам дека имам само еден порок. Не пушам, не пијам, не користам ништо штетно, но имам еден страшен порок, а тоа е трошење на облека, накит и модни додатоци.

Реално, најголем дел од мојот приход оди на патувања и на модни парчиња.
Морам да бидам во повеќе изданија во текот на денот и секое мора да биде до совршенство.
Црната боја е мојата сигурна зона. Ја носам често, а ја надополнувам со впечатливи аксесоари.
Сакам квалитетни, внимателно избрани парчиња од светски брендови, но знам да комбинирам и Zara со луксузна чанта, чевли или накит. Стилот не го имам изградено според цената – туку креативноста.
Инвестирам и во изгледот – здрава коса, убава кожа, добри очила. Појавата во бизнис светот не е суета, туку стратегија.

Но, постои и другата страна од мене.
По костумот и штиклите следуваат спортски сали, тренинзи, возење низ град, угостителски објекти. И таму излегува мојата вистинска природа.
Ќе се изненадите можеби, но обожавам машки, oversized парчиња. Купувам 2XL машки маици, пантолони, јакни.
Ми се допаѓа многу „baggy“ изгледот и како што би рекле моите блиски: сакаш да изгледаш како „облечена во вреќа“, но со стил.
Тоа ја изразува мојата машка енергија, која кај мене сериозно многу преовладува. Таквата облека ме прави да се чувствувам директна, борбена, силна и во тие oversized комбинации се чувствувам најсвоја.

