Сузана Хаџи Илиќ е модна бизнис дама со страст за патувања - ја сака модата и верува дека стилот е израз на личноста
Каде обожаваш да патуваш најмногу? Омилени дестинации…
Можеби очекувате да кажам дека обожавам планина, тишина и изолирани места за да одморам од динамиката.
Но ако така претпоставувате – ќе згрешите. Јас не сум човек што знае да мирува.
Мирот го наоѓам внатре во себе, не во географија. Медитирам многу, духовно сум високо изградена личност, верувам во енергија, во универзум, во сила што нè води. Тоа е мојот внатрешен баланс.
Но кога патувам – сакам живот. Сакам светски метрополи. Сакам градови што пулсираат.

Сакам да шетам по модни улици со high-level брендови, да влезам во луксузен бутик, да седнам во убав ресторан, да пијам кафе на место каде што секој детаљ е естетика.
Пасија ми се убави хотели. Тоа ми е клучно во патувањата. Сакам да сум сместена во најубавите хотели, сакам лукс атмосфера.
Сакам шопинг дестинации каде што можам да бидам дотерана, средена, во моја енергија. Го сакам луксузот. Ги сакам убавите нешта.
И затоа моите дестинации секогаш се светски метрополи – места каде што можам да бидам истовремено жена, мајка, бизнис стратег и љубител на животот.
Некои градови ги посетувам повторно и повторно. Затоа што таму се чувствувам „своја“.

Колку ти е тешко да се спакуваш за патување?
Се пакувам со идеја, не со паника, Не сум од оние што се пакуваат со денови однапред.
Колку време ми треба? Искрено – 10 до 15 минути со вистински фокус.
Сè зависи од тоа дали патувањето е службено или приватно и каде одам.
Но, секогаш сакам да понесам впечатливи парчиња. Сакам да бидам забележана.

Често знам да извадам парче што не сум го носела со години – и да го комбинирам на начин што никој не би го очекувал. Луѓето ме прашуваат „Од каде ти е?“, а тоа е нешто што стоело во гардеробер со години, само комбинирано поинаку.
Креативноста ми е силна страна. Сакам од ништо да направам нешто.
Обично седнувам сама со себе, си давам 10-15 минути тишина, и во глава веќе ги имам готовите комбинации.
Кога ќе ми дојде таа креативна енергија, комбинирам – станувам, ги земам парчињата, ги ставам во куфер и готово.

Што си посакуваш на поле кариера за 10 години од сега?
За 10 години сакам стабилност, сигурност и мир.
Сакам трудот што сум го вложила да ми се исплати – да имам финансиска слобода, убав дом и добар автомобил (автомобилите ми се огромна страст и хоби).
Сакам здравје и благосостојба за моите најблиски, сакам повеќе слободно време за патувања и нови спомени. Сакам покрај себе партнер од избор, не од потреба.
Професионално, сакам работа со сигурни приходи, која нема да ми го одзема целото време – затоа што вистинскиот луксуз е времето и мирот.




©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Симона Симионова | Црнобело
