Надица (24) од Штип е возач на камион: „Спијам на безбедни паркинзи, а кога има време се туширам на бензински“
Кој ти е најубавиот дел од работата, а што ти е најтешко? Дали се чувствуваш безбедно кога си сама на пат?
Најубавиот дел од работата ми е кога возам и кога имам активност – товарење и истовар, отворање на церада и врзување каиши.
Најтешко ми е кога немам документи или кога морам да чекам со часови за товар или истовар.
Да, се чувствувам безбедно кога сум на пат.
Дали си имала некоја непријатна ситуација?
За среќа, досега сум немала некоја сериозна непријатна ситуација.
Дали се зголемува бројот на жени камионџии? Дали си сретнала некоја од Македонија или од странство?
Да, мислам дека бројот на жени камионџии се зголемува. Имам и другарка што вози камион, се вика Благица.
Како се снаоѓаш со храна, спиење и туширање кога си на пат? Како изгледа еден твој работен ден?
Застанувам во продавници и купувам храна за преку неделата. Спијам на безбедни паркинзи. Кога имам време, застанувам на пумпа за туширање.
Еден работен ден обично ми почнува така што прво го проверувам камионот – масло и вода – и правам круг околу камионот да видам дали е сè во ред. Потоа се подготвувам за тргнување.
Ако имам истовар, одам таму, а после истоварот добивам нов товар. Кога ќе се натовари камионот, ги правам документите и продолжувам да возам.
Како реагираат другите кога ќе им кажеш дека возиш камион? А, како те прифаќаат мажите камионџии? Дали некогаш си се соочила со дискриминација?
Реакциите се различни. Некои луѓе се воодушевуваат, а други велат дека тоа не е работа за девојка, особено во најубавите години. Машките камионџии генерално ме прифаќаат.
Понекогаш сум се соочила со дискриминација, кога ми велеле дека како жена не можам да ја работам оваа работа, но тоа се случува ретко.
Каде се гледаш во иднина? Би сакала ли да продолжиш со оваа професија или имаш други планови?
Во иднина се гледам како шофер на камион. Не сакам да ја сменам оваа професија, затоа што многу ја сакам и уживам во неа.
Прочитајте и: Благица од Богданци е возач на камион: „Професијата ја наследив од татко ми, сите беа скептични дека ќе се справам со толкаво возило“
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Софија Спирова | Црнобело
