Наде Молеровиќ (68), инспиративна жена - Била директорка на училиште, сега е пензионер што граба со страст од животот
- Детали
- вторник, 14 април 2026
„На 68 години, во пензија, никогаш не сум се чувствувала поживо. А најголемиот успех? Тоа што моите синови се добри луѓе. А ако сакаш да одгледаш силно, свесно дете - прво мораш ти да бидеш таа личност. Тоа беше мојата најголема лекција како мајка“, вели Наде Молеровиќ (68), професор по историја, поранешен директор на две основни училишта, мотивациски говорник за деца и млади, тренер за наставници и директори, автор и уметник.

Наде Молеровиќ (68), професор по историја, поранешен директор на две основни училишта, мотивациски говорник за деца и млади, тренер за наставници и директори, автор, уметник, кој цртa невронаучна уметност, и жена која откри дека најубавиот дел од животот може да дојде токму кога светот мисли дека си „готова.”
Мајка на двајца извонредно успешни синови - еден во Калифорнија, еден во Дубаи. Сопруга, патувач, жена која на 68 живее посвесно, отколку многу млади. И која не ги крие ниту годините, ниту мислењето. Своја и автентична!
Наде за CRNOBELO.com споделува што ја инспирира и движи во животот:
Колку е тешко едновремено да се биде успешна жена, но и посветена мајка? Како балансирате? Мото?
Денес жената се буди наутро со листа на обврски која никогаш не завршува. Работа, деца, партнер, куќа, изглед, социјални мрежи, очекувања од општеството.
Сè истовремено. Сè совршено. Сè насмеано.
И на крај на денот се чувствува исцрпена, со чувство на вина затоа што не стигнала сè, затоа што не била доволно присутна, затоа што не била доволно добра. Тоа е реалноста на денешната жена. И таа реалност е тешка.

Но, јас би додала нешто важно. Секоја жена денес сака да биде успешна. Тоа е убаво. Но прашањето е - зошто? Дали тоа е нејзин вистински избор, нејзина визија, резултат на работа на свои желби и едукација? Или само сака да биде видена?
Затоа што има огромна разлика!
Денес многу жени трчаат по успехот кој не е нивен. Трчаат по туѓата слика за успех, позиција, пари, признание, лајкови. И на крај стигнуваат таму, уморни и празни, и се прашуваат: „Зошто не сум среќна? Имам сè, а не сум среќна...“
Затоа што она по кое трчале - не било нивно.

Јас за успех сметам нешто сосема поинакво. Успех за мене е кога ќе се изградам лично како подобар човек - од секоја ситуација, од секој пад, од секоја болка.
Не само да бидам јавно присутна, а длабоко внатре - празна, фрустрирана, незадоволна. Да ги задоволувам другите, а себе да се предавам. Не, тоа не е успех. Тоа е најтежок вид неуспех.
Вистинскиот успех е да останеш верна на своите принципи дури и кога е тешко. Да растеш како човек, не само во кариерата, туку во душата.
Да го разбереш другиот. Да го разбереш животот. Да знаеш дека она што е успех за мене - не мора да биде успех за тебе. И тоа е сосема во ред.

Еднаш прочитав кај Christian D. Larson нешто што ме погоди право во срцето: „Ветувај си да бидеш толку силна, да нема ништо што може да го наруши твојот мир“.
Тие зборови не се само убава реченица. Тие се начин на живот. Мој начин на живот. Затоа што мирот не е луксуз - мирот е темел. Без него, сè друго се урива.
Но, мирот не доаѓа сам. Јас го градев секој ден, со свесни одлуки, со јасни граници, со работа на себе.

Балансот помеѓу кариерата и мајчинството не е нешто што го наоѓаш еднаш и го чуваш засекогаш. Тоа е нешто што го градиш секој ден одново.
Понекогаш кариерата земала повеќе и тоа е во ред. Понекогаш децата земале сè и тоа е исто во ред. Балансот не е совршена рамнотежа.
Балансот е свесност да знаеш каде си, зошто си таму и да не се губиш во процесот.
И токму затоа никогаш не го чувствував мајчинството и кариерата како конфликт. Кога си мирна внатре, сè надвор добива своето место.
Моите синови не ме гледаа само како мајка која готви и ги чека дома. Ме гледаа како жена која станува рано, која работи со страст, која зборува како што размислува и така се однесува.

Ме гледаа како мајка која стои пред луѓе и зборува со убедување, која се бори за вредности и не се откажува. Која некогаш не успева, паѓа и станува. Која греши и учи. Која живее - вистински живее.
Децата не учат од она што им го зборуваме. Учат од она што го гледаат.
И ако сакаш да одгледаш силно, свесно дете - прво мораш ти да бидеш таа личност. Тоа беше мојата најголема лекција како мајка.
Моето мото во воспитувањето беше едноставно: разговарај со децата како да се најмудрите, најљубезните, најубавите луѓе на планетава, затоа што во она во што веруваат, тоа и ќе станат.
Не послушност, туку самопочит со смиреност. Тоа е она што сакав да го научат - не да бидат послушни, туку да бидат целосни луѓе. Самосвесни, да сонуваат, да си веруваат и секој ден да учат.
И резултатот? Денес го гледам секој ден.

Еден син успешен бизнисмен во Калифорнија, друг во Дубаи - со свои семејства, со љубов, со достоинство.
И двајцата секој ден се јавуваат и прашуваат: „Мамо, кога доаѓате? Ве сакаме тука“. Тоа е највисокиот резултат на секое воспитување.
Не дипломите на децата, туку нивната желба да те имаат покрај себе. Тоа е љубовта која се гради со години, со пример, со присуство, со автентичност.

И тоа е мојот најголем успех - не наградите, не телевизиските настапи, не позициите. Туку тие два телефонски повика секој ден.
Жените се чувствуваат преоптоварени затоа што носат туѓи мерила за успех на свои раменици. И додека не ги спуштат - нема да можат да дишат.
Смиреноста не доаѓа кога ќе завршат сите обврски. Смиреноста доаѓа кога ќе одлучиш дека си доволна - токму онаква каква што си, токму сега.
Larson напишал и ова: „Дај толку многу време на подобрувањето на себе, да немаш време да ги критикуваш другите“. Тоа е мојата тајна.
Целиот живот работев на себе, но не за да им се допаднам на другите, туку за да бидам верна на она најдоброто што е во мене. И кога си верна на себе - си верна и на своите деца, и на својот партнер, и на животот.

