Наде Молеровиќ (68), инспиративна жена - Била директорка на училиште, сега е пензионер што граба со страст од животот
Вашите тајни за продуктивен ден?
Прво - благодарност. Уште наутро, пред сè друго. Среќна сум. Здрава сум. Имам деца кои ме сакаат и кои ме повикуваат секој ден, иако живеат на другиот крај на светот.
Имам партнер покрај кого се чувствувам сигурна и сакана. Тоа не е мало. Тоа е сè.
Второ - почнав со ИША крија јога и Сирија крија пред една година - ох, каква духовна трансформација…
Препорачувам секому, за ментална јасност, за духовна смиреност, физичка симетрија и баланс на телото. Движење... Шетам секој ден. Телото и умот се едно и кога телото се движи, мислите се чистат.

Трето - не трошам енергија на луѓе, ТВ, скандалозни вести и работи кои не можам да ги променам.
Научив дека мирот не е отсуство на проблеми. Мирот е одлука да не дозволиш проблемите да владеат со тебе.
Четврто - никогаш не го завршувам денот без да се запрашам: Дали денес бев подобра верзија на себе? Дури и малку, но подобра.
Ама, навистина! Толку многу знаење, толку многу книги а, така малку време.
Не мораш да бидеш совршен. Мораш само да бидеш малку подобар отколку вчера.
И среќен! Без глума! Кога ќе бидеш свесен дека овој ден е утре веќе минато, ќе се потрудиш да биде најубавиот спомен.

На кои животни успеси сте најгорда?
На своите синови. Не затоа што се успешни во бизнис, иако се, и јас сум горда на тоа, туку затоа што се добри луѓе.
Затоа што кога одам кај постариот во Калифорнија или кај помладиот во Дубаи, ги гледам во очи и го гледам она што го посеав - почит, љубов, широкоумност, благодарност.
Тоа не се случува само. Тоа се гради - со години, со пример, со присуство, со љубов која не бара возврат.
Горда сум и на 11-те години директорство. На сето она што го изградив, не за себе, туку за децата.
На размените со европски училишта, на патувањата, на отворените умови кои ги оставив зад себе.
На тоа дека никогаш не ја продадов совеста за политичка удобност. Во Македонија тоа не е мало. Но, јас спиев мирно секоја вечер и тоа е цена која со задоволство ја платив.

Горда сум на своите одлуки. Не онаа горда без дела, туку вистински, длабоко, со целото срце.
Горда кога некој ќе ми пријде и ќе ми каже: „Вашите зборови ми го смениле денот...“ Горда кога некој ќе ми напише: „Вие сте ми инспирација...“
Горда кога после телевизиски настап или напис некој ќе каже: „Оставивте белег во мене“. Тие моменти не се мерат со пари. Тие се мерат со длабочина.
Горда сум што помогнав на многумина, без да барам благодарност, без да очекувам возврат. Зашто помошта која се дава со сметка - не е помош. Тоа е трговија.
Јас секогаш давав од срце. И она што го добив назад беше многупати поголемо.

Горда сум што низ целиот живот прифаќав да учам. И она што треба и она што не треба. Зашто и лошите искуства се учители, само построги.
И секојпат кога паднав, станав посилна, помудра, поцелосна. Не затоа што сум исклучителна, туку затоа што никогаш не се откажав од себе.
И горда сум додека сум своја. Додека зборувам со свој глас. Додека одлучувам со своја глава. Додека живеам според своите вредности. Тоа е единствениот успех кој навистина трае.
„Најголемиот успех не е она што го поседуваш. Најголемиот успех е она што го оставаш зад себе — во срцата на луѓето кои си ги допрел“.

Да се вратиме малку наназад... Како изгледаше ноќниот живот и додворувањето некогаш?
Ох, тоа беше сосема поинакво време и со своја неповторлива убавина! Додворувањето имаше поезија и бавност. Немаше телефони, немаше социјални мрежи.
Луѓето се гледаа во очи, разговараа со часови, шетаа по Скопје.
Секој имаше свое кафе, своја улица, свое место. Скопје беше мало, сите се познаваа. Имаше ликови кои ги паметеше целиот град - секој кварт имаше своја легенда.
Во мое време Влатко Стефановски и дечките од „Леб и Сол“ беа најголемите шизици во тоа време додека бев средношколка.
Се шеташе со достоинство, онака природно. Се зборуваше со мера. Се внимаваше да не повредиш некого.
Се чекаше. Знаевме долго да ги чекаме другарките, симпатиите, првата љубов... Имаше мирис, убавина…

Денес сè е моментално, порака, фотографија, „свајп“. Но, онаа бавност, онаа напнатост на чекање, онаа убавина на вистинска средба - имаше свој шарм кој денешните генерации едноставно нема да го доживеат. Колку среќна генерација на луѓе сме биле а, не свесни тогаш!
Некои убавини постојат само еднаш. Затоа биди присутен — зашто не се враќаат.

Најдобра животна лекција и совет на помладата себе?
Лекцијата: луѓето ти покажуваат кои се - верувај им на постапките, не на зборовите.
И уште нешто - не губи енергија на оние кои не сакаат да те видат како успеваш.
Во мојата кариера имав луѓе кои работеа против мене токму затоа што сум различна, затоа што мислам со сопствената глава. Долго ме мачеше тоа.
Подоцна разбрав - нивниот отпор е всушност потврда дека си на вистинскиот пат. Во мене гледале она што тие сакале да бидат. Тоа тогаш болело но, биле највредните лекции кои во животот сум ги научила.

Светот надвор не можеш да го контролираш, себе си да. Тука е, работата на себе, на своите емоции, на своето растење во личност која отсекогаш си сакала да бидеш!
Советот на помладата Наде би бил: верувај си порано. Не чекај туѓа дозвола за да бидеш тоа што си.
Твојот глас е важен. Твојата приказна е вредна. Кажи ја, гласно, јасно и без извинување. Секогаш работи на твојот внатрешен свет за да ти биде убав надворешниот.
Не чекај некој да ти даде дозвола да блеснеш. Ти веќе ја имаш таа дозвола од самиот момент кога си се родила.

Најдобрата лекција од родителите…
Од мајка ми, жена која работела во фабрика за облека, која знаела што значи тешка работа и понижување, научив дека достоинството не зависи од позицијата.
Кога станав директор, таа ми рече: „Наде, биди добра со секого. Особено со оние на најниско место. Зашто и тие се нечии мајки, нечии татковци“.
Жените кои го чистеа моето училиште секогаш биле третирани со иста почит, како и наставниците. Тоа не е љубезност. Тоа е човечност.
Од татко ми, воен човек, интелектуалец кој зборуваше со нас со часови, кој никогаш не се откажуваше од нас дури и кога резултатите не биле добри, научив дека времето е најскапоцената работа.

Тој ми велеше: „Наде, внимавај како го трошиш времето и со кого го трошиш. Еден ден кога ќе наполниш 80 години ќе се прашаш: Кај беше? Никаде! - Што направи со животот?“ Ништо?!“
Таа реченица живее во мене до ден денес. Секогаш кога трошам од животот на „глупости“ неважни и некорисни работи овие зборови ми одекнуваат. Благодарам, Благодарам!
Тие двајца, со своите различни улоги, со своите различни лекции, ме направија жената која сум денес. И за тоа сум им вечно благодарна.
Родителите ни даваат корени за да стоиме цврсто и крилја за да летаме слободно.
Најголемата почит кон нив е да ги користиме и двете.




©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Симона Симионова | Црнобело
