Александра Димитровска, брачен советник: „Некогаш терапија го спасува бракот, а некогаш помага достоинствено да се разделат“
- Детали
- вторник, 24 март 2026
„Најстариот пар кој бил на советување е на 67-68 години. Имало момент кога маж кој цело време е воздржан ќе каже нешто многу силно како 'Се плашам дека ќе ја изгубам' и тогаш динамиката во просторијата се менува“, вели Александра Димитровска, психолог и семеен советник, за CRNOBELO.com.

Александра Димитровска (45) e психолог и семеен системски советник, а со години работи како брачен советник на многу парови во земјава, но и врши советување на тема родителство и советување на индивидуи во семејството во сите развојни фази.
Од својата кариера, работејќи со парови, може да каќе дека понекогаш е многу подобро партнерите да се разделат достоинствено, отколку да на сила да останат во брак.
Александра за CRNOBELO.com вели дека во последно време сè почесто мажот е тој што иницира семејно советување, но имала и случај во кој родители ги убедиле своите деца да одат во брачно советувалиште за да работат на својот брак.
„Често гледам повозрасни парови кои доаѓаат на партнерска терапија на иницијатива од нивните деца кои гледаат на тоа како на нешто неопходно“, вели таа.

За тоа како се справува со жолчните расправии меѓу партнерите додека се на терапија, колку се искрени за проблемите во бракот кога се сами, наспроти тоа што го кажуваат кога е присутен и партнерот, прочитајте во интервјуто:
Колку долго работите со парови или поединци на тема брачно советување и проблеми во бракот? Зошто се решивте токму за оваа област?
Доволно долго за да знам дека ниеден конфликт не е само заради чиниите во мијалникот и доволно долго за да не ме изненадуваат тишините кои болат повеќе од расправиите.
Како семеен системски советник, не работам само брачна терапија, туку целиот контекст - родителството, индивидуата во семејството во сите развојни фази.
Со парови работам низ години во кои видов дека односот е најсилното, но и најранливото место во човекот.
Токму затоа ја избрав оваа област. Затоа што партнерската врска е огледало - тука излегуваат и нашите најубави и нашите најнеобработени делови.
А и искрено, нема поинтензивна училница за човечка природа од една двојка што се сака - и се расправа во исто време.

Дали се Македонците отворени за разговор на оваа тема со стручно лице? Како ви звучат кога ќе се јават за да закажат термин или кога ќе се сретнете првпат - дали се срамат да зборуваат за своите проблеми или едвај чекаат да си кажат што им тежи на душа?
Хмм, па сметам дека Македонците, особено младите генерации, сè повеќе го користат терапевтскиот простор за работа на себе и растење - многу побрзо се осмелуваат да ја споделат болката и стравовите на неутрален терен.
Но, сè уште сме општество каде што признавањето дека се соочуваме со некаков предизвик и одиме на советување се доживува како слабост.
На почеток некои едвај чекаат да си ја истурат душата, други полека ја градат довербата.
Но штом почувствуваат безбедност и слушање без осуда, речиси сите се отвораат, а тоа е почеток на промената.

Кои се најчестите причини поради кои паровите бараат брачно советување?
Најчесто паровите не доаѓаат поради „еден проблем“, туку поради долг период на нерешени микро-повреди што се таложеле со години.
Вообичаено на површина се темите за нарушена комуникација (не можат да се слушнат, или се слушаат - не се разбираат), емоционално оддалечување, губење доверба (вклучително и неверство), љубомора и контрола, финансиски стрес, конфликти околу родителството, мешање на поширокото семејство, губење на интимноста... но, под нив речиси секогаш стои истото: чувство на невидливост во присуство на партнерот.
Кога не се чувствуваме слушнати, кога блискоста се претвора во функционалност, односот почнува да се лади.
Луѓето не бараат само решение на проблем - тие бараат повторно да се почувствуваат важни еден за друг. И токму таму започнува нашата работа.

Кој е почесто иницијатор - мажи или жени?
Иако жените се тие кои почесто ја иницираат терапијата, морам да забележам дека во последно време сè повеќе мажи иницираат да дојдат на терапија во обид да излезат од затворениот круг.
Често знаат да кажат: „Доста ми е... или ќе ги оправиме работите или да ставиме крај“.
Жените традиционално се чувари на релацијата и побрзо кажуваат дека нешто недостасува, што не значи дека мажите се помалку засегнати.
Често доаѓаат со одреден отпор или скепса, но кога ќе влезат во просторија каде што не треба да се бранат, туку само да бидат присутни, гледаме колку и мажите копнеат по поврзаност.
И во суштина, не е прашање кој иницира, туку кој е подготвен да остане и да работи.

