Љубовната приказна на Дариа и Мандар: „Ме освои со неговата автентичност и смисла за хумор“
- Детали
- понеделник, 06 април 2026
„Нашата приказна започна сосема неочекувано на Инстаграм. Мандар, во негов стил, ми пиша некоја шега на едно мое Инстаграм Стори и така почна нашата комуникација. Моментално сум во шестиот месец од бременоста и чувството дека расте една мала принцезичка во мене е нешто што навистина не може да се опише со зборови“, споделува Дариа Стефановска (28) од Скопје за љубовта со Мандар.

Дариа Стефановска (28) од Скопје, веб и графички дизајнер, ужива во љубовта со нејзиниот свршеник Васил Мандаровски-Мандар (30), инфлуенсер и јутубер, од Скопје.
Заедно се речиси две години, а токму сега влегуваат во еден од најубавите периоди во нивните животи, очекуваат мало девојче.
Дариа е во шестиот месец од бременоста и вели дека чувството дека расте една живот во неа е нешто што навистина не може да се опише со зборови.
Дариа ја споделува нивната љубовна приказна за CRNOBELO.com:
„Нашата приказна започна сосема неочекувано на Инстаграм.
Васил, во негов стил, ми пиша некоја шега на едно мое Инстаграм Стори и така почна нашата комуникација.

Од самиот почеток почувствував дека неговиот карактер е малку надвор од мојата комфор зона.
Тој е директен, авантурист и многу отворен во комуникацијата, нешто што на почетокот ми беше необично, но токму тоа ја направи целата приказна интересна.

Со текот на времето сфатив дека баш таков карактер ми недостасувал во животот, некој кој ќе донесе нова енергија, спонтаност и искреност.

Нашата врска се развиваше природно и лесно, а Васил успеа да ме освои со неговата автентичност и смисла за хумор.

И кога дојде моментот за запросување, секако дека тоа беше направено во негов стил.
Се случи во нашиот дом, на многу приватен и интимен начин, токму како што отсекогаш сум посакувала.
До кујната, каде што бев јас, пристигна мала играчка багерче со управувач, а кога застана пред мене, од него се појави/падна прстенот.
Тоа беше еден од оние моменти што ќе ги паметам засекогаш – едноставен, креативен и многу наш.

Во нашата врска можеби јас сум малку поромантичната страна, но морам да признаам дека и Васил знае пријатно да изненади кога најмалку го очекувам.

