Д-р Маја С. Чрчева, радиолог: „На ехо ги гледаме и најсуптилните промени на дојката, веднаш се знае дали е сомнително“

Колку прегледи правите на дневно ниво? Кој е најголемиот тумор кој сте го дијагностицирале?
Бројот на прегледи варира од ден на ден, но како ориентација, досега речиси и да немаме ден со слободен термин.
Тоа покажува колку жените сè повеќе ја препознаваат важноста на редовните контроли.
Што се однесува до големината на туморот, тоа не е секогаш пресудниот фактор. Многу поважно е каков е типот на промената – дали е инвазивна или неинвазивна.
Понекогаш и многу мала промена може да бара сериозен пристап. А во други случаи, поголема промена може да биде бенигна.
Затоа секогаш гледаме на целата слика, а не само на големината.

Доколку станува збор за малигна промена кој е наредниот чекор, а кој доколку промената е бенигна?
Доколку се утврди дека промената е малигна, пациентката се упатува на понатамошно лекување во болнички услови.
Таму се вклучува мултидисциплинарен тим – хирург, онколог, радиотерапевт.
Се прави план за третман кој е индивидуализиран според типот и стадиумот на болеста.
Во текот на целиот процес, пациентката останува во контакт и со нас за контроли и следење.
Доколку промената е бенигна, најчесто не е потребен оперативен третман. Се препорачува редовно следење и контроли, за да се осигура дека нема промени со тек на време.
Во двата случаи, најважно е пациентката да има јасна информација и чувство на сигурност.

Најчесто во кој стадиум е ракот на дојката кога ќе дојдат кај вас на преглед? Дали е на почеток или во поодминат стадиум? Колку ова прави разлика?
Во најголем број случаи, благодарение на зголемената свесност, пациентките доаѓаат во рана фаза. Тоа особено се однесува на жени кои редовно прават контроли.
Секако, има и случаи кога болеста се открива во поодминат стадиум, најчесто кога промената подолго време не била проверена.
Разликата меѓу рана и поодмината фаза е многу значајна. Во рана фаза, можностите за успешно лекување се значително поголеми.
Третманот е поефикасен, а исходите се подобри. Затоа секогаш потенцирам – раното откривање е клучно.
Редовните прегледи не се формалност, туку навистина спасуваат живот.

Дали Македонките се одговорни во врска со своето здравје? Што би им порачале?
Мојот впечаток е дека сè повеќе млади жени имаат одговорност кон своето здравје, и тоа е навистина охрабрувачко.
Се забележува поголема свесност за редовни прегледи и превенција. Но, сè уште има простор за подобрување, особено кога станува збор за навремените контроли.
Понекогаш обврските, стравот или одложувањето се причина прегледот да се стави во втор план.
Мојата порака е едноставна „ Грижата за себе не е луксуз, туку неопходност“. Редовниот преглед е дел од здравствената култура и љубовта кон себе.
Не чекајте симптоми за да се јавите на лекар. Превенцијата е најсилниот лек што го имаме.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Симона Симионова | Црнобело