Илија Циривири испиша историја на Алпите: „Спиевме на -25˚C, поминавме глечерска пукнатина, имаше бура“
- Детали
- среда, 08 април 2026
И Македонија има врвни алпинисти! Илија Циривири (35) професор на Факултетот за драмски уметности, заедно со Мартин Пејоски, ја искачи „Supercouloir“ - една од најпознатите и најтешки алпинистички насоки на Монт Блан. „Во еден момент дојде невреме, бура од снег и ветер која и нè потсети дека всушност сме го искачиле и она за кое дојдовме“, вели Илија за CRNOBELO.com.

Илија Циривири (35) професор на Факултетот за драмски уметности, веќе 20 години е алпинист, а сега со Мартин Пејоски од Охрид ја искачи легендарната насока „Supercouloir“ (Суперкулуар) над Шамони.
„Supercouloir“ е една од најпознатите и најтешки алпинистички насоки во масивот на Монт Блан – вистинска класика за елитни алпинисти. Мешана е (мраз + карпа), многу стрмна, со вертикални делови.
Илија за искачувањето, со кое покажа дека Македонија има врвни алпинисти, за CRNOBELO.com вели:
„Искачувањето во Савојските Алпи беше алпинистичка акција која беше предвидена во две етапи: Аклиматизација и искачување на целта - насоката Суперкулуар во североисточната страна од врвот Монт Блан Ду Такул (4.248 м н.в.).

Аклиматизацијата беше предвидена на врвот Гранд Парадизо, високо над долината Аоста во Италија, од другата страна на тунелот под Монт Блан кој води до Шамони.
Идејата беше да се преспие во бивак (засолништето) под врвот и утредента да се искачи и самиот врв Гранд Парадизо.

Аклиматизациските искачувања се битни бидејќи му овозможуваат на телото да се адаптира на функционирање во услови оскудни со кислород на поголема висина.
Вообичаено, таквите искачувања не се захтевни и се далеку полесни од искачувањето кое е целта на акцијата.
Поради таа причина беше одбрана таа планина од италијанска страна – технички е лесна – пристапот беше со турно скии, бенефит и за брз и забавен отстап.
Бидејќи суштината е време поминато на поголема надморска висина од тоа што го нудат нашите планини. Уживањето само по себе е примарен фактор при одлуката за каде и како ќе се врши аклиматизацијата.

Од Италија, акцијата преку Шамони во Франција продолжи на 3.800 м н.в. во домот Космик, под врвот Еги Ду Миди.
Таму бевме два дена и чекавме да помине невремето кое го најави и самата временска прогноза.
Откога се стабилизира и помина невремето, рано наутро, во 5 часот заминавме кон насоката Суперкулуар.

Бидејќи со нас носевме големи ранци поради дополнителната опрема за кампинг, ги оставивме сите непотребни работи во подножјето, приближно на 3.200 м н.в..
Со турно скиите и неопходната качувачка опрема за во насоката заминавме кон Суперкулуар. Тоа е маркантен кулуар (поширок жлеб) во карпата кој се протега до врв на Ду Такул.
100 метри под насоката ги оставивме скиите и турно чевлите, се спремивме и тргнавме во насоката. Пристапот беше деликатен поради новиот снег и имаше креваса (глечерска пукнатина), која требаше внимателно да се помине.
