Владо Георгиев за CRNOBELO: „Јас, како маж, не треба да им викам на своите ќерки, со сопругата не им даваме телефони“
- Детали
- петок, 17 април 2026
„На скала од 1 до 10 колку сум строг како татко, би рекол 2, ха-ха. Ние татковците сме малку во пат-позиција, реално зборувам. Јас никогаш не можам да им го кажам на ќерките тоа што може да им го каже мојата жена. Таа може по цел ден да е во ‘фајт’ со нив,“ вели искрено Владо Георгиев во интервју за CRNOBELO.com.

Пејачот Владо Георгиев на 24 април ќе одржи голем концерт во Скопје, како дел од неговата турнеја „Господски“ и каде што, вели, првпат ќе биде толку блиску до целата публика, зашто бината ќе биде поставена централно во салата, во круг од 360°.
А пред концертот, пејачот дојде во Скопје на дружење со македонските новинари.
Насмеан, расположен, со неговата позната смисла за хумор, на почетокот ни се обрати:
„Гледате како убаво организирав прес во 1, па да не мора да се враќате на работа после ова, ха, ха?“

Рече дека можел да го организира пресот и во 11, но дека тогаш тој не би бил целосно расонет и расположен, зашто неговото време за творење и работа е ноќе, додека сите спијат.
Како што одминуваше прес конференцијата, новинарите му побараа нешто да запее, а на крајот падна договор новинарите да му пеат нему.

Владо го сними моментот, го сподели на Инстаграм Стори кај себе и неколкупати рече дека вакво изненадување никогаш не му се случило, па не го криеше ни своето воодушевување.
Колку е воодушевен повторно кажа и во разговорот за CRNOBELO.com.
„Вие навистина знаете како да ме изненадите, баш ме расположивте“, ми рече тој.

А за што друго разговаравме, прочитајте во интервјуто со Владо:
Рековте дека на концертот ќе ги пеете сите стари и понови хитови, па ми останува само да прашам кој се грижи за стајлингот и изборот на гардероба, зашто, баш изгледа господски...?
Јас. И секогаш јас.
Пробуваа да ме наговорат низ годините стилисти на секакви глупости, ама не прифаќам нешто во што јас не сум јас.

Па колку се разликува приватниот стил од она што го носите на сцена?
Не се разликува. Додуша, конкретно на оваа турнеја носам смокинг и „лептир машна“, тоа не го носам приватно, за да излезам така од дома преку ден.
Не велам дека тоа е лошо и можда би било океј во минатиот век.
Но, и со гардеробата преку оваа турнеја сакам да ги повикам луѓето да ги вратат манирите од минатото, да бидат баш господа.

На концертите во Белград имавте гости, дали да очекуваме и кај нас некој да ви се придружи на сцената?
Можеби, можеби, ама не смеам да ги откријам своите изненадувања, зашто тогаш тоа нема да биде изненадување.
