Мила Димчова за татко ѝ кој рачно создава декор со македонски мотиви: „Кога бев мала мислев дека сите татковци го умеат ова“
Јас верувам дека сум наследила дел од тоа. Завршив индустриски дизајн и денес работам како сениор графички дизајнер.
Креативноста отсекогаш ме следела. Не само во дизајнот, туку и во видеата што ги создавав – нешто што несвесно доаѓа од него.

Како дете мислев дека секој татко знае да создава. Дека тоа е нормално. Дури подоцна сфатив колку е ретко.
Израснав гледајќи го како создава без страв од резултатот. Како прави грешки и учи од нив.
И така научив дека грешките не се нешто што треба да се избегнува – туку нешто што те гради.

Нè оставаше да создаваме сами. Да пробуваме. Но секогаш беше тука – тивко, внимателно, да нè води ако треба.
Тој е човек кој повеќе чувствува отколку што зборува. Интровертен, но силен во ставовите. Нè научи да не се плашиме од тешкото.
Да не зависиме од никој. Да не бараме прифаќање од сите.
„Твоите луѓе ќе те најдат“ – тоа е една од работите што најмногу ми останале.

Денес неговиот талент го гледам поинаку. Како вистинска љубов. Како реткост. Како нешто што вреди да се зачува и сподели.
И можеби најважно – ме научи да ја сакам Македонија не преку зборови, туку преку чувство. Преку работа. Преку тоа што го оставаме зад нас.

До денес, сè што има создадено остануваше во рамките на нашиот дом — како нешто лично, нешто што не се продава, туку се живее.
Но тоа полека почнува да се менува.
Во моментот работи на нови дела кои за првпат ќе можат да стигнат и до други луѓе.
Првото што доаѓа е нешто што многумина веќе го препознаа и побараа — нова верзија на Александар и неговата фаланга, овојпат создадена со идеја да биде дел од повеќе домови.

Во план е и отворање на нов профил, каде што ќе може да се нарачуваат овие изработки.
Кога точно — сè уште не знам.
Но знам дека ова е само почеток“.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
M. M. | Црнобело