Ацо Николов, тату артист: „Kлиент сакаше да му го тетовирам загризот од жената, тетовирам гради на жени по рак“
- Детали
- петок, 08 мај 2026
„Најчеста грешка е кога некој сака во мала тетоважа (на пример 5cm) да стави премногу детали, како да е 25cm. Инаку, татко ми беше доктор и затоа во соработка сум со доктори од онкологија, каде што им помагаме на жени кои се соочиле со рак на дојка и поминале низ процес на реконструкција со пластична хирургија“, вели Ацо Николов (43) од Скопје, кој работи како тату артист веќе 3 децении.

Ацо Николов (43) од Скопје е сопственик на повеќе бизниси, од кои главниот му е тетовирањето.
Сопственик е на „Temple of Ink“ – студио за тетовирање и пирсинг, а воедно и школа за млади таленти и идни тату и пирсинг артисти.
Ацо има кариера од речиси 3 децении во оваа индустрија.
Тој вели: „Работев и патував низ светот благодарение на професијата, но на крај се закотвив тука затоа што си ја сакам земјата, па решив да изградам куќа со двор во Горно Нерези на Водно, дворот ми е омилено катче кое го обожавам и каде си ги полнам батериите“.

Ацо споделува детали за својата професија за CRNOBELO.com:
Колку години си тату артист, колку тетоважи имаш на себе и дали си се тетовирал сам? Најомилена ти е...
Првата тетоважа ја направив на мои 14 години, а потоа сè стана приказна за филм.
Денес имам 43 години и веќе 30 години активно работам.
Моето студио за тетовирање и пирсинг, а воедно и школа за млади таленти – Temple of Ink, со седиште во строгиот центар, на самиот булевар кај Рекорд, постои и успешно работи веќе 20 години.
Имам многу тетоважи на себе – искрено, не знам точна бројка. Сум се тетовирал и сам, најчесто на нозе, каде што имаш подобар пристап и прегледност со двете раце.
Ако ме прашате за омилена тетоважа – немам. Секоја има свое место, свое значење и е потсетник на периодот кога е направена.

Кој бил најпредизвикувачкиот дизајн што си го направил?
По толку години работа, тешко е да издвојам, но можеби најпредизвикувачки проект беше целосна тетоважа на тело, од врат до глуждови, со сите екстремитети, на еден пријател од САД.

Дали си имал лошо искуство со клиент и како го реши?
Во салонот доаѓале и доаѓаат луѓе од секаков профил. Најчесто, најголем предизвик се оние што се несигурни во себе.
Јас не сум психијатар и не можам да знам дијагнози, но преку разговор и консултација проценувам со каков човек имам работа.
Доколку почувствувам дека нема да има добра соработка, ја одбивам – мирот на крајот од денот ми е поважен од заработката.
Најчесто, кај мене доаѓа одлична клиентела. Во текот на процесот не само што работиме, туку и се дружиме, и токму таа хармонична енергија е клучна за добар резултат. А кога има добра енергија – има и одлична тетоважа.

Како се справуваш со грешки (ако се случат)?
По толкава километража, грешки практично не се случуваат.
Но, работејќи со учениците, секогаш се потсетувам на почетоците и на тоа колку оваа професија бара посветеност, концентрација и прецизност.

Дали имаш тетоважа за која се каеш?
Немам тетоважа за која се каам. Како што кажав – секоја има своја приказна.
На себе речиси никогаш не ги преправам, без разлика на квалитетот или изработката.

Ако можеш да тетовираш било кого, жив или починат, кој би бил?
Tатко ми, Бог да го прости, беше лекар.
Веројатно покрај уметничката страна, од него го имам наследено и медицинскиот пристап во работата.
