Ацо Николов, тату артист: „Kлиент сакаше да му го тетовирам загризот од жената, тетовирам гради на жени по рак“
Твојата работа има и една многу хумана нота, како што велиш медицински пристап... Тетовираш пациентки кои се соочиле со рак на дојка и поминале низ процес на реконструкција со пластична хирургија, кажи ни повеќе за тоа...
Така е, кај мене работата не е само естетика, туку и медицински пристап.
Во соработка сум со лекари, конкретно од онкологија, каде што им помагаме на жени кои се соочиле со рак на дојка и поминале низ процес на реконструкција со пластична хирургија. Соработувам и со пластични хирурзи (како Даскалов и други), кои ги препраќаат пациентките кај мене.
Со посебна техника изработувам реалистични ареоли, со што им помагаме на жените повторно да ја вратат самодовербата и чувството на целосност.
Ова е многу повеќе од тетоважа – ова е дел од нивното закрепнување и психолошка поддршка.
Во студиото нудам комплетна услуга – од тетовирање до пирсинг (со вработен тим), како и едукација преку школа за тетовирање и пирсинг. Дополнително, работам и козметички тетоважи како microblading, shading и powder техника за веѓи, усни и други естетски третмани.
Сè на едно место, со професионален и индивидуален пристап кон секој клиент.

Која е најчудната идеја за тетоважа што некој ти ја побарал?
Луѓето знаат да дојдат со навистина необични идеи – од „загриз“ од сопруга, до сцени од одмори претставени како цртан филм. Има многу такви примери.
Често, речиси секоја недела, разубедувам клиенти кога знам дека нешто нема да изгледа добро како што го замислиле.
Ако не ја прифатат мојата сугестија – одбивам.

Кој е најчестиот „лош“ избор што луѓето го прават? Имаш ли направено тетоважа што подоцна си мислел „што направив?!“ Кој е човекот на кој си му ставил најмногу тетоважи досега и колку се?
Најчеста грешка е кога некој сака во мала тетоважа (на пример 5 сантиметри) да стави премногу детали, како да е 25 сантиметри.
Кај мене процесот секогаш почнува со консултација.
Додека не сум 100% сигурен во проектот – не започнувам.
Имам клиенти на кои сум им направил и повеќе од 30 тетоважи, особено оние со проекти за цело тело на кои сè уште работиме.

Ако не беше тату артист, што ќе беше?
Покрај ова, целиот живот сум поврзан и со спортот. И денес сум активен колку што можам.
Како дете бев кошаркар и играв во втора лига за таа возраст. Бев талентиран и работлив, но уметноста си го зазеде своето место.
Музиката е исто така огромен дел од мене – не можам да замислам ден без неа. Бев и тапанар, иако не ја продолжив музичката кариера, најмногу поради условите кај нас. Сепак, љубовта кон уметноста и цртањето секогаш испливуваше на површина.

Со текот на годините, нормално е да се влезе и во бизнис светот. Покрај студиото, отворив и бренд за облека – Ace Shop, кој првично беше позади Универзална, а подоцна го преселив со проширувањето на салонот.
Од скоро сум активен и во инвестиции. Верувам дека сè доаѓа во свое време.
Искрено, ако не бев тату артист, веројатно ќе бев спортист, музичар… но најверојатно бизнисмен. Првите две имаат свој рок на траење, нели?! (ха-ха)










©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Симона Симионова | Црнобело