Хрватскиот комичар Винча за CRNOBELO: „Мајката на сопругата се гордее кога се шегувам на нејзина сметка“
- Детали
- понеделник, 04 мај 2026
„Па што ако некој се навреди, тоа е сосема нормална човечка реакција! Таквите луѓе се бројат во промили, повеќето луѓе се подготвени да се шегуваат на своја сметка и за теми за кои вообичаено не би се шегувале“, вели за CRNOBELO.com популарниот комичар, чие мото е „Комедијата е сериоза работа“.

Горан Винчиќ Винча (31) е хрватски комичар кој на своите стендап настапи, успева да ја насмее публиката од целиот регион.
Неговиот хумор е ‘народен’ за да може секој да го разбере и да се поистовети со него, а тој, пак, често прави и шеги на своја сметка, и на сметка на семејството, кои, вели, се одлично прифатени од публиката.
Во пресрет на неговиот стендап во Скопје, кој ќе се одржи на 8 мај, разговаравме со него за неговата професија, но и колку е тешко да се биде добар комичар и дали публиката некогаш е навредена од шегите.

Прочитајте го интервјуто на Винча за CRNOBELO.com:
Кога сфати дека хуморот е нешто со што сериозно сакаш да се занимаваш?
Многу брзо по мојот прв стендап настап, знаев дека ова е она што сакам да го правам.
А сериозно го сфатив тоа во моментот кога почнав да заработувам пари.
Никогаш во мојот живот не сум работел ништо толку посветено како стендап комедијата и мислам дека се исплатеше.
Дали материјалот за шеги повеќе го црпиш од лични ситуации, од набљудување на луѓето околу тебе или преку работи кои ги гледаш на интернет?
Сè заедно! Најмногу го сакам е искрениот, личен хумор со кој луѓето можат да се поврзат, и затоа ме нарекуваат ‘народен комичар’ бидејќи сите знаат за што зборувам.
Сакам шеги на своја сметка, но и на туѓа.

Има ли една шега што секогаш предизвикува најсилна реакција од публика - позитивна или негативна?
Има, и среќа што реакцијата е позитивна, бидејќи не би било многу профитабилно човек да очекува дека може да живее од негативни реакции.
Имало ли настап што тргнал лошо, па си морал да импровизираш за да ја спасиш атмосферата?
Одамна, но затоа научив толку добро да импровизирам.
И сакам непланирани ситуации, бидејќи тие се најзабавни!

Колку е тешко денес да се „прави хумор“ без некој да се навреди?
Па што ако некој се навреди, тоа е сосема нормална човечка реакција!
Таквите луѓе се бројат во промили, повеќето луѓе се подготвени да се шегуваат на своја сметка и за теми за кои вообичаено не би се шегувале.
Јас кажувам што ми се кажува, се однесувам искрено и луѓето го препознаваат и го ценат тоа.
Дали приватно си исто толку духовит или хуморот го чуваш за на сцена?
Јас сум си самиот на себе секогаш ист, нема разлика!
Секогаш се шегувам, мојот мозок работи 100 на саат и надвор од сцената!

Како реагираат блиските луѓе кога ќе се препознаат во твоите шеги?
Тие веќе се навикнаа на тоа, особено мојата сопруга и бабата!
Баба е горда, зборува за мене насекаде и обожава кога ќе ја споменам, а сопругата сè уште ме трпи.
Што е потешко: да насмееш публика во живо или да направиш кратко смешно видео за на социјалните мрежи?
Би рекол дека во овој момент од мојата кариера, претпочитам да настапувам во живо и имам целосна контрола врз тоа, а интернетот е оставен на ужасната пресуда на алгоритмите.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело
