Аспен (26) од Аризона се пресели во Македонија: „Јазикот го научив сама, тука го најдов својот мир“
- Детали
- сабота, 09 мај 2026
„Готвам македонски јадења барем трипати неделно, постојано пробувам нови рецепти и ги усовршувам вештините. Моментално омилена ми е турлитава - неодамна ја пробав, подготвено од мајката на една пријателка, и беше неверојатна“, вели за CRNOBELO.com Аспен, која се заљубила во земјава на првото доаѓање и веднаш решила да се пресели тука.

Аспен Симс (26) од Аризона, САД е меѓународно обучен готвач и претприемач, но и девојка која веќе два месеца живее во Македонија.
Аспен првпат ја посетила земјава во октомври 2025, и веднаш се вљубила во неа.
Освен што веќе го зборува нашиот јазик, таа наскоро ќе ја „направи“ Македонија свој дом и планира се пресели тука засекогаш.
Таа за CRNOBELO.com со воодушевување зборува за земјава, не крие дека Штип ѝ го украл срцето, а како вистински страстен готвач ни призна дека барем трипати неделно готви наша храна и пробува сè што може од традиционалните рецепти.

За својот живот во земјава и што ја поттикна да се пресели кај нас, Аспен ни раскажа во интервјуто:
Пред колку време се пресели во Македонија? Зошто ја избра за твое место за живеење? Што те доведе тука - студии, љубов, нешто трето?
Пристигнав во Македонија во март 2026 година.
Земјата разбуди нешто во мене што не сум го почувствувала никаде на друго место, и почувствував силна сила што ме влече да го истражам тоа чувство подлабоко.
На почетокот, Македонија беше само една од дестинациите во мојата европска тура.
Немав поим дека ќе се заљубам толку длабоко, а уште помалку дека ќе одлучам да се преселам тука и да изградам живот.

Се сеќаваш ли кога дозна првпат за земјава? Што знаеше тогаш, а што сега ти е смешно затоа што е мит?
Да. Работев на еден остров кога запознав господин кој зборуваше македонски.
Научив неколку фрази бидејќи мислев дека ќе биде смешно да го изненадам.
Како што продолживме да разговараме, му дадов ветување со малиот прст дека ќе го посетам во Македонија за време на моите патувања низ Европа, а јас таквите ветувања ги сфаќам многу сериозно.
Митот што ми е поврзан со Македонија е дека имате многу слонови… во ред е, слободно смејте се, и јас си се смеам на себе.
Спомнав дека ми било фасцинантно што по Битката кај Хидасп во Индија, некои од наследниците на Александар Велики користеле воени слонови.
Некој ја искористи таа прилика за шега и ми кажа дека Македонија сè уште има многу слонови.
Па, откако дојдов тука, конечно сфатив дека тоа било шега… дефинитивно не ми беше најсветлиот момент во животот. Но, мислам дека само сакав да верувам дека е вистина.

Како изгледаше твојата прва посета на Македонија? Што виде, што ти се допадна, а што не ти се допадна при таа посета?
Првпат ја посетив Македонија во октомври 2025 година.
И тоа е речиси неопишливо. Пречекот што го добив од луѓето беше како семејно собирање - познато, топло и искрено, дури и од луѓе што штотуку ги запознав.
Ги посетив Штип и Скопје, истражував цркви, атракции, базари, и секако, колку што можев, повеќе места за храна.
Навистина бев воодушевена од убавината на Македонија.
Да ја видиш на фотографии е едно, но да ја доживееш во живо носи мир и спокој што не го очекував.
Едно нешто што не ми се допадна беше целосно по моја вина.
Имав ограничени информации пред да дојдам и бев малку премногу опуштена во некои ситуации, што доведе до неколку мали непријатности.
Сега кога сум поинформирана, тоа повеќе не се случува.

Како се снајде на почетокот? Колку време ти требаше да најдеш место за живеење, работа можеби, да стекнеш пријатели?
Искрено, тоа беше Божја милост. Случајно стекнав пријатели од Македонија за време на Work and Travel во САД, и тие ми помогнаа со сè.
Преодот беше многу лесен. А и многу други луѓе беа подготвени да ми помогнат да се снајдам во новиот живот.
Се чувствувам навистина благословено, и од околностите и од Божјата рака, што ми дава сигурност дека донесов правилна одлука да се преселам тука.

