Петре Мијалков, наш мото-шампион: „При пад скршив дланка и имав операција на ногата - по 4 дена отидов да возам трка“
- Детали
- среда, 20 мај 2026
„Овој спорт е еден од најскапите. Една сезона, дури и без падови и сериозни проблеми со моторот, чини од 80.000 до 100.000 евра“, вели штiпјанецот Петре Мијалков за CRNOBELO.com, a кој во 2025 година ја освои титулата европски шампион во БМУ и повторно стана државен шампион.

Петре Мијалков (35) oд Штип, работи како управител на фирма, но во јавноста е познат како еден од нашите најдобри и најуспешни мотицклисти.
Иако има љубов кон мотоциклите откако знае за себе, првиот вистински брзински мотоцикл си го купил во 2017-та.

Професионално, пак, се натпреварува од 2023-та, со голем успех. Во сето ова ја има поддршката од семејството. Сопругата е често покрај него на трките, а и синот, кој наскоро ќе полни 3 годинки.
Петар има и ќеркичка, која се роди во декември 2025.

За својата кариера, семејството, модниот стил и кои му се омилените места во Штип, Петар ни раскажа во интервјуто:
Од каде љубовта кон моторите?
Љубовта кон моторите ја имам уште од кога знам за себе.
Мојот прв мотор го добив во осмо одделение - повеќе го туркав отколку што го возев.
Поради финансиски причини, мојот прв вистински брзински мотор го купив дури во 2017 година.
Прво возев рекреативно по улици, а во 2023 година купив понов мотор и почнав професионално да се натпреварувам.
Во 2024 година станав вицешампион во класата Ф1000 во БМУ Европскиот шампионат и државен шампион, а во 2025 година ја освоив титулата европски шампион во БМУ и повторно станав државен шампион.

Што (досега) би издвоил како врв во кариерата? И дали сметаш дека си најдобриот мотоциклист кај нас или имаш конкуренција?
Како врв во кариерата би го издвоил фактот што сум единствениот Македонец што станал шампион во оваа многу конкурентна класа, во која имаше пријавено околу 90 натпреварувачи.
Не би рекол дека сум најдобар, тоа оставам другите да го проценат.
Секако дека имам силна конкуренција, но секогаш давам сè од себе за да го извлечам најдоброто од себе.

Дали е ова опасен спорт? Си имал ли повреди низ годините или за среќа, никогаш?
Да, ова е многу опасен спорт. Сезоната 2025 беше полна со незгоди, падови и повреди.
Една од најтешките ја имав во Плевен, Бугарија, каде што се здобив со скршеница на десната дланка и имав операција на листот на ногата.
Само четири дена подоцна морав да заминам на трка во Словачка и да возам со тие повреди, само за да не изгубам бодови и да останам во трка за шампионската титула.
Беше навистина многу тешко.

