Петре Мијалков, наш мото-шампион: „При пад скршив дланка и имав операција на ногата - по 4 дена отидов да возам трка“
А колку е скап мотоциклизмот како спорт - колку ве чини, на пример, сезона, на годишно ниво?
Овој спорт е еден од најскапите. Една сезона, дури и без падови и сериозни проблеми со моторот, чини од 80.000 до 100.000 евра.
Зборувам за комплетна сезона со нови гуми за сите тренинзи и трки, одржување на моторот, патувања и сè што оди со тоа.

Дали имаш поддршка од семејството или не се среќни што се занимаваш со брзински спорт?
Имам огромна поддршка од мојата фамилија.
Без нивната поддршка, сигурно немаше да бидам таму каде што сум денес.
Воедно, тие се и најголемата „жртва“ во мојата кариера, затоа што многу време сум отсутен од дома.

Со каква мисла те испраќа сопругата на трка? Доаѓа ли со тебе или чека дома да ѝ јавиш како заврши?
Ме испраќа со голема мотивација и желба за успех.
Често доаѓа со мене, заедно со мојот син, на повеќе трки во текот на сезоната, кога тоа е можно.

Имаш син и ќерка, кои се многу мали... Дали татковството те поттикнува да „забавиш“ малку со животот, брзините, да бидеш повнимателен?
Да, имам две мали деца и секако дека тоа менува многу работи во животот.
Желбата за спортот сè уште е огромна, но реално немам секогаш време за ист интензитет на тренинзи како порано.
Сепак, ќе се трудам да бидам во топ форма и оваа година, за да ги бранам боите на нашата држава на најдобар можен начин.

Како балансираш меѓу патувањата и семејниот живот?
Секогаш гледам, кога сум дома, да поминувам што е можно повеќе време со моето семејство и да го надоместам времето што сум го поминал на пат и на трки.

