Ема Камчевска (21) од Скопје е девојка со ексцентричен моден стил: „Според мене секоја боја одговара со секоја“
- Детали
- недела, 17 мај 2026
„Невиден љубител сум на штикли, никогаш не мислам дека имам доволно, имам посебно катче во кое се внимателно подредени по боја, а на партнерот, како и секоја жена му се мешам во 99% од аутфитите“ – вели за CRNOBELO.com Ема Камчевска, модна девојка од Скопје, која е во врска со Јанг Дади.

Ема Камчевска (21) е впечатлива млада девојка од Скопје, студентка по архитектура и стилист, која се истакнува по својот уникатен моден стил.
Независно дали ќе ја сретнете низ град или на Инстаграм, нејзините аутфити не поминуваат незабележано, бидејќи како што самата вели, има ексцентричен и максималистички стил.
Таа умее за себе да создаде комбинација од повеќе различни модни парчиња, но и од многу бои и дезени, без да се оптоварува дали на некој друг тоа му одговара.

Заедно со нејзиниот партнер Јанг Дади често имаат модно усогласен стил, а на прашањето колку му се меша во изборот, Ема за CRNOBELO.com признава:
„Предност е тоа што и тој е во модниот свет, и би рекла дека сме прилично усогласени, а како и секоја жена му се мешам во 99% од аутфитите“.

За CRNOBELO.com Ема открива повеќе детали за својот моден стил:
„Уште од мали години сум била во тој свет поради работата на моите родители, така што дотерувањето ми доаѓало природно, без да го размислувам.
Секогаш сум била добро облечена, а од скоро почнав посериозно да се бавам со мода и стајлинг и сѐ повеќе да ме интересира.

Мојот моден стил е максималистички и ексцентричен, немам некоја модна формула, не пратам трендови, едноставно тоа што ми се свиѓа и што ми стои, го комбинирам на интересен начин со многу бои и накит.
Сè додека изгледам како што сакам, удобноста не ми е битна.

Невиден љубител сум на штикли, никогаш не мислам дека имам доволно, имам посебно катче во кое се внимателно подредени по боја.
Не можам да го занемарам и накитот, кој ми е клучен дел од секој аутфит.
*фустан кој самата го дизајнирала
Според мене, едноставно секоја боја одговара со секоја, во кој било аутфит гледам да искомбинирам што повеќе бои без да личи кич.
Дефинитивно ги размислувам комбинациите, но тоа што ќе ми дојде спонтано на крајот испаѓа најдобро.

Секогаш знам што да облечам, но кога навистина се брзам, комбинација што не ме разочарала е корсет, фармерки, штикли и кожена јакна.

На патувања не одам без некоја огромна чанта во која ми го собира пола плакар.
Обожавам да експериментирам, така што и поедноставните комбинации секогаш ми се комплетирани со некој уникатен детаљ“.

Повеќе фотки од модните аутфити на Ема:


