Филип Ѓурков од Штип - маж со урбан стил, кој страста за мода ја наследил од дедо му и татко му
- Детали
- четврток, 31 јули 2025
„За мене, да бидам кавалер не е нешто застарено или театарско - тоа е избор, начин на однесување што зборува повеќе од стил или изглед. Верувам во мали, но значајни гестови - да отвориш врата, да понудиш рака, да слушаш со внимание, да се појавиш на време. Во Македонија има кавалери - ретки се, но ги има“, вели штипјанецот Филип, менаџер на Angels Cafe.

Филип Ѓурков е 31-годишен дипломиран компјутерски инженер од Штип, со силна страст кон модата и личниот стил.
Тој не работи во својата струка, туку веќе неколку години е менаџер во еден од најпознатите локали во Македонија, Angels Cafe.
Вели, токму оваа работа му помогнала да развие одлични организациски, комуникациски и лидерски вештини, кои ги надополнува со префинет визуелен сензибилитет и чувство за естетика.

За својот стил, љубовта кон модата, чувството за убаво и детали, но и патувањата, како голема животна страст, Филип раскажа за CRNOBELO.com:
„Потекнувам од традиционално македонско семејство со длабоки корени во модната индустрија, каде што модата не е само професија, туку и начин на живот што се пренесува низ генерации.
Мојот пра-дедо бил чевлар, познат по рачно изработени чевли со прецизна изработка.
Дедо ми работел во модната компанија ‘МК Астибо’ како директор на погон за изработка на вратоврски.
Татко ми, исто така, бил дел од Астибо, ја водел женската конфекција како директор на погон.
Мојата мајка е моден дизајнер специјализиран за женска облека, со долгогодишно искуство во креативниот и производствениот процес.


Растејќи во таква средина, уште од најмала возраст сум бил вклучен во модни ревии и креативни проекти, што ми овозможи да развијам остро око за квалитетна изработка, текстил и стил.
Таа средина ми помогна да изградам чувство за комбинација на бои, силуети и детална техничка прецизност, што го носам со себе во секој мој моден избор и проект.


Мојот стил на облекување би го опишал како смарт кежуал со урбана елеганција - едноставен, но уреден и внимателно избалансиран.
Сакам да изгледам опуштено, но сепак дотерано, без премногу компликации.
Често носам поло маици или минималистички кошули и шорцеви, или чино панталони, најчесто во неутрални бои и чисти дезени затоа што ми одговараат на секоја пригода - од прошетка покрај море до кафе со пријатели.
Вниманието на детали ми е приоритет - од изборот на часовник и очила за сонце до пристојни, ненаметливи додатоци.
Секогаш се стремам кон изглед што комуницира самодоверба, уредност и современа машка естетика, без премногу трендови, туку со фокус на издржлив стил.


