Филип Ѓурков од Штип - маж со урбан стил, кој страста за мода ја наследил од дедо му и татко му
За мене, да бидам кавалер не е нешто застарено или театарско - тоа е избор, начин на однесување што зборува повеќе од стил или изглед.
Да бидеш кавалер значи да имаш став, почит, грижа и доследност, не само кон жените, туку и кон сите околу тебе, па дури и кон себе.
Верувам во мали, но значајни гестови - да отвориш врата, да понудиш рака, да слушаш со внимание, да се појавиш на време, да не ветуваш ако не мислиш да го исполниш.
Кавалерството не е слабост, туку знак на зрелост. Не значи да бидеш совршен, туку да бидеш доследен.
Во Македонија, да, има кавалери - ретки се, но ги има. И тоа не се луѓе што се фалат со тоа.
Тие го живеат тоа тивко, во секојдневните постапки. И јас сакам да бидам еден од нив. Не затоа што тоа се очекува, туку затоа што тоа сум јас.
Во свет каде што сè е брзо, површно и гласно - вистинскиот кавалер се познава по тишината со која остава впечаток.


Сакам да патувам и секогаш се трудам максимално да го искористам моето слободно време за нови авантури.
Патувањето ми е начин да се исклучам од секојдневието, да истражувам нови места, да запознавам различни култури и луѓе и да се полнам со нова енергија и инспирација.
Во последниов период, имав можност да посетам неколку фасцинантни дестинации што оставија силен впечаток врз мене.


Париз ми беше одамна на листата, ама кога конечно го доживеав, сфатив зошто сите зборуваат за него со толку страст.
Тоа не е само град - тоа е чувство. Елегантна архитектура, уметност на секој чекор, улички полни живот.
Прошетката по Шанзелизе, погледот од Ајфеловата кула, атмосферата на Монмартр, Лувр… сè тоа го прави Париз посебен.
А најубавото - мирно утро со кафе и кроасан во мало кафуле, додека го гледаш градот како се буди.
И да, со право го викаат град на љубовта - не само поради романтиката, туку затоа што во Париз лесно се вљубуваш во сè: во уметноста, во деталите, во секој миг.


Миконос за мене е едно мало, но магично парче од Грција.
Ме воодушевија белите куќички со сини прозорци, тесните калдрмисани улички, традиционалната архитектура и плажите со тиркизна вода.
Но, Миконос е и многу повеќе од тоа - вистинска светска дестинација што привлекува познати личности, богати туристи и љубители на луксузот од целиот свет.
Се чувствував како дел од филм - сѐ околу мене зрачеше со гламур и забава.
Клубовите на плажа, баровите и таверните беа меѓу најатрактивните што сум ги посетил, а се места каде што забавата трае од попладне до раните утрински часови, со атмосфера што не се заборава.
Но, она што најмногу ме плени беше тоа што, и покрај сето тоа блескање, Миконос сè уште ја чува својата автентична грчка душа.
Во старото градско јадро и традиционалните таверни времето навистина како да застанува – и само се препушташ на убавината и едноставноста на животот.


