Томица и Ристе од Богданци беа на свадба кај најдобриот другар во Кина: „Поминавме 10.000km, имаше традиции, денот ни почна во 5 наутро“
Имавме наша посебна кореографија со која го претставивме него на почетокот на церемонијата, и секој имаше своја улога и задача на денот на свадбата, едниот држеше книга, друг заклетва, прстени, микрофон...
Исто така имавме и наш dress code каде сите бевме идентично облечени, со црно одело, кафеава лептир машна, трегери и црни чевли.

Свадбата беше необична бидејќи почна многу рано. Во 5 часот бевме будни веќе, а во 5 и 45 заминавме накај вилата, бидејќи беше одалечена малку надвор од градот.
Веднаш штом стигнавме почнавме со фотосесија и снимање.
Имаше екипа од 10 - 15 фотографи, видео едитори, дававме интервју, а потоа се пресоблековме во традиционални кинески носии и заминавме по невестата.

Таа беше сместена на 2 спрат од вилата и како што ние бевме 4 машки придружници од машката страна, таа си имаше свои 4 од нејзината страна.
Таму немаше толку како да кажам хардкор буткање на врата како кај нас, дури и Александар ни кажа, дечки малку поопуштено, не сме во Македонија, туку веќе претходно имавме подготвени црвени пликоа со пари, каде што прво стававме под врата за да ни отворат, па кога отворија моравме да играме игри кои тие ни ги подготвија, доколу некој не ја помине играта, дава уште црвени пликоа.

Дел од игрите беа да ја копираме позата на сликата кои тие ни ја покажаа претходно, пеење, погодување на нивните мачки, најтешката можеби за нас, беше кога со нивните стапчиња за јадење треба во лет да фатиш листови кои Шер ги фрлаше со посебен пиштол за такви работи и слично.

Секако на крајот сите пари што останаа се дадоа, целта беше да има забава и да биде интересно. Потоа се пресоблековме пак во свечени одела и церемонијата почна, го изведовме нашиот дел од кореографијата, а потоа следеше говорот на младоженците и нивните родители.

Тука преку говорот целата љубов и емпатија се пренесе на гостите. Не се сеќавам на некоја свадба вака да можат емоциите да се пренесат.
Солзите се секако неизбежен дел и голем дел почнаа да плачат, а секако еден од нив бев и јас, бидејќи јас и Александар сме растени без татко и тоа многу ме допре.
Исто така родителите држеа свој говор, а една од најинтересните работи беше тоа што Шер се обрати со текст пишан на македонски јазик, како и Александар на кинески.

Следуваше групна фотографија и одење во ресторанот. Таму секако влегоа во стил, поздравени од сите гости, а Ристе ја имаше задачата заедно со една придружничка, младоженците и родителите да наздрават со секоја маса.

Во меѓувреме имаше и наградна игра каде што можете да освоите некоја награда ако добро ги познавате младоженците и нешто поврзано со нивните држави, пример јас освоив награда шише ракија, каде што имаше прашање кое беше на кинески и англиски поставено, кој е национален пијалак на Македонија, а тоа е тешко да се погреши.

Следуваше брз ручек и некаде околу 14:00 церемонијата беше готова, што за нас е невообичаено. Подоцна ние помладите се органзиравме сами и заминавме на вечера каде што замислете сами си донесовме алкохол во ресторанот, а за нив тоа е сосема нормално и потоа заминавме на after party на караоке.
