Мила одгледува шумски јагоди: „Се вљубив во вкусот, си зедов коренче и засадив во саксија на тераса во Скопје“
- Детали
- сабота, 30 мај 2026
Од прошетка во Берово каде се вљубила во нивниот вкус, преку садење коренче во саксија на скопска тераса до двор полн шумски јагоди во Орешани. Мила за CRNOBELO.com споделува трикови како се растат шумски јагоди...

Мила, freelance фотограф oд Скопје и сопругот Дарко, ИТ инженер кој претежно работи онлајн од дома, исто така од Скопје, одлучија главниот град да го заменат со живот во викенд населбата Орешани, која се наоѓа на само 5 минути пешачење од истоименото село, кое брои 600 жители.
Мила вели дека викенд населбата е што помирна од селото и дека таму со Дарко го пронашле својот мир.

Тие си имаат своја градина од која се хранат, руралната идила ја делат со милениците и гледаат колку што е можно поретко да го посетуваат Скопје, дури и намирници набавуваат онлајн, а маркетите им вршат достава.
Во својот мал рај Мила одгледува многу растенија, но омилени ѝ се - шумските јагоди.

Мила за CRNOBELO споделува како почнала и како денес изгледа растењето на шумски јагоди во нејзиниот дом:
„Првите шумски јагоди ги пробав на прошетка со сопругот низ беровските шуми, и, како некој што никогаш претходно не бил фан на овошје, бев фасцинирана.

Ова не беше онаа типична водлеста кисела јагода што ја купувавме по маркети и моравме да ја удавиме во шеќер за да биде прифатлива, ова беше неверојатно опоен мирис што те носи до минијатурно црвено топче, и тоа топче има повеќе вкус од сите други овошја заедно.

И после тоа топче го бараш следното, и следното, и, додека се освестиш, имаш изедено килограм такви топчиња и не сакаш да се разделиш од нив.

Тука дојде идејата: „А да си земеме некое коренче за дома, може ќе се фати?“

Како тотални аматери, скубнавме неколку коренчиња со малку земјичка, ги ставивме во кеса и неколку дена покасно ги засадивме во саксија на тераса во Скопје.

Во овој период уште немав никакво искуство со растенија, тазе пресадени ги оставав на сонце, заборавав да им ставам вода, ги комбинирав во мал простор со питоми јагоди, кои се многу подоминантни итн.
И покрај сѐ тоа, се зафатија и по две години дадоа род.

