Михаела (26) од Гевгелија е тениски судија: „Понекогаш судам и по 3 меча на ден, сум пропуштила важни настани поради турнири“
Колку е тешко да се задржи концентрацијата за време на долг меч? Се прават ли лесно грешки?
Па, за секоја работа што ја работиме мора да бидеме сконцентрирани.
Некогаш е навистина тешко да останеш со добра концентрација по долг и напорен меч, но сè се учи со тек на време.
За грешки како грешки се прават и за тоа сме сите свесни, а од нив и најмногу учиме.

Се случило ли играч да не се согласи со твојата одлука?
Многу често се случува играчите да не се согласат со одлуките на судиите, но и самите знаат дека нашата одлука е последна.
Инаку секогаш ќе има несогласување и тоа е нормално.

Кој е најубавиот момент што ти се случил како судијка досега?
Најубав момент ми е чувството кога успешно ќе отсудам тежок и важен меч со добра концентрација и ќе знам дека сум ја завршила работата професионално.
Исто така, многу ми значат патувањата, новите искуства и луѓето што ги запознав преку тенисот и кои прераснуваат во големи пријателства.

Колку често патуваш поради турнирите - каде сè имаш судено?
Кога почнував со судењето поретко патував, но последните две години можам да кажам дека цело време сум на турнири.
Имам судено во повеќе од 15 држави во овие две години, меѓу нив и сите држави од Балканот, Германија, Австрија, Холандија, Португалија, Шпанија, Италија, Сан Марино, Молдавија, Литванија, Малта...

Дали се заработува добро како тениски судија?
Да, сметам дека оваа професија може да понуди добра заработка, особено со стекнување искуство и напредување на повисоко ниво на турнири.

А која ти е најважната цел во кариерата? Што би сакала да постигнеш?
Најважно од сè ми е да се надоградувам за да можам да стигнам до највисокото ниво, а тоа е златна значка.
Да можам да ја делам правдата на најдобрите од овој спорт.
И секако, да стекнувам нови искуства, нови пријателства, да посетам што е можно повеќе држави и да судам на многу турнири.
Исто така, сакам да ги мотивирам и останатите што сакаат да бидат како мене и сите нас, да не се плашат да го работат тоа што го сакаат и дека ако веруваат во себе ќе успеат.

Што е најтешкиот дел од оваа професија за една млада личност?
Не би рекла дека нешто е тешко ако навистина го сакаш тоа што го работиш.
Но, ако морам да издвојам нешто, тоа би било кога со недели не се враќам дома, не сум била присутна на многу настани, првиот роденден на внукот, свадби и останати важни работи.
Секоја работа си има свои предности и недостатоци. Но ако навистина сакаш нешто, ништо не е тешко.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело