Викторија од Скопје е во брак со Американец: „Живееме во Македонија и во САД, ги славиме и нашите и неговите празници“
- Детали
- понеделник, 25 мај 2026
„Семејството на Брендин веднаш ме прифати. Кога дојдоа во Македонија, најмногу впечаток им оставија Матка и пештерата Врело. Беа воодушевени од македонските носии и филиграни и се заљубија во македонската кујна“, раскажува Викторија од Скопје која е во брак со Брендин од Колорадо. Заедно тие имаат и ќерка на возраст од две и пол години.

Викторија од Скопје и Брендин од Колорадо, САД се заедно седум години, а имаат и ќеркичка на возраст од две и пол години.
Викторија има 29 години и е дипломиран економист со пасија за маркетинг. 32-годишниот Брендин е дипломиран економист, а Викторија открива дека е и страстен готвач кој многу ја сака азиската кујна.
Живеат на релација Македонија-САД, а Викторија ни открива дека и двете земји имаат и свои предности, и свои недостатоци.
Во интервју за CRNOBELO.com, Викторија открива детали за љубовната приказна со Брендин, а тој, пак, ни споделува како му се допаѓа Македонија.
Прочитајте го интервјуто во продолжение:
Кога и каде го запозна сопругот и како почна вашата љубовна приказна?
Нашата љубовна приказна започнува во март 2019-та, но нашето запознавање се случи претходното лето кога јас заминав во Америка, како дел од Work and Travel програмата.
За почеток, интересен факт е што јас воопшто не планирав да одам, само ги дружев моите другарки низ процесот, одењето по агенции, разгледување понуди, додека не се одлучив да аплицирам и јас!
По игра на случајноста, се вработив во семејниот ресторан каде што работеше Брендин. Тој беше задолжен да го менаџира ресторанот, но почесто го наоѓавме во кујната, отколку пред компјутерот.
Иако ние се запознавме тоа лето, скоро и да не комунициравме сè додека не беше за Work and Travel делот. Тој ни помогна да ги организираме летовите и да пронајдеме сместување за локациите што сакавме да ги прошетаме.
Од денот кога заминав, ние не престанавме да комуницираме. По 6 месеци, дојде во Македонија и оттогаш сме заедно.
Раскажи ми за почетоците. Имавте ли врска на далечина? Кои беа најголемите предизвици?
Интересно е како на самиот почеток и најголемите предизвици се чинат мали, далечината ни беше само мерило колку всушност е јак нашиот однос.
Поголемиот дел од времето го поминувавме во Македонија. Живеевме кратко и во Нови Сад, а кога ќе ни истечеше времето, врската продолжуваше на далечина, но никогаш не запре.
Колку време сте заедно и како те запроси?
Заедно сме полни 7 години. Од самиот почеток Брендин постојано изненадно ми даваше или правеше „лажни“ прстени, често направени од жица, некои беа од хартија или гранчиња.
По неговото враќање од Америка во 2020, решивме да излеземе во парк, секако – без никакви очекувања. Тогаш, во сред разговор, тој извади кутија со прстен, конечно беше прстен што не се уништи на првото носење.
Каде живеете – во Македонија или во САД? Каде ви се допаѓа повеќе и зошто?
Живееме и во Македонија и во Америка, се трудиме да го уживаме животот на двата континента. Во моментов сме во Македонија.
И двете места имаат свои предности и мани, генерално повеќе ни се допаѓа релаксираноста тука, додека во Америка животот е многу пофокусиран кон работата.
Брендин, како беше прифатен од Македонците и семејството на Викторија? Како се снаоѓаш со начин на живот, јазик, кулутура? Што ти е најтешко, што (не) ти се допаѓа, а што те изненади најмногу?
Македонците се едни од најгостопримливите луѓе што сум ги сретнал на Балканот. Семејството на Вики ме прифати уште првпат кога ги запознав и направија да се чувствувам како да сум дома.
Животот во Македонија е главно одличен. Го ценам тоа што луѓето минуваат многу време со нивните пријатели и продолжуваат да вложуваат во личните врски.
