Томас Петровски (19) од Сиднеј ја посети Македонија: „Прадедо ми мигрирал во 1961-ва, имам семејство во битолско“
- Детали
- среда, 17 јуни 2026
„Мојот прадедо и дедо секогаш ми раскажуваа приказни за селата од каде што потекнува нашето семејство, особено за Ротино близу Битола, затоа посакав да ја видам земјата со свои очи и да се поврзам со моите корени“, вели за CRNOBELO.com Томас, кој го носеше дресот на македонската младинска фудбалска репрезентација.

Томас Петровски (19) е професионален фудбалер, роден во Сиднеј, Австралија, каде што и живее.
Неговото семејство, пак, потекнува од битолскиот регион на Македонија, а Томас вели дека е многу горд на своето македонско потекло.
Тој често доаѓа во земјава, и тоа не само приватно, туку и како фудбалер, кој игра за нашата младинска репрезентација.
Со родителите и сестрата
До неодамна Томас беше во родната земја на своите предци, а впечатоците за Македонија, но и за животот во Австралија, раскажа во интервјуто за CRNOBELO.com:
Роден си во Австралија. Кои приказни ти ги раскажуваа твојот дедо и прадедо додека растеше, а те натераа да посакаш да ја посетиш Македонија?
Мојот прадедо и дедо секогаш ми раскажуваа приказни за селата од каде што потекнува нашето семејство, особено за Ротино во близина на Битола.
Ми зборуваа за прекрасните планини, силните семејни вредности, традициите и колку биле блиски сите еден со друг како семејство.
Ми раскажуваа и за животот во Македонија, пред прадедо ми да мигрира, и колку е важно никогаш да не заборавиме од каде доаѓаме.
Тие приказни ме натераа да посакам да ја видам земјата со свои очи и да се поврзам со моите корени.
Томас со татко му и дедо му
Кога заминал прадедо ти во Австралија?
Мојот прадедо ја напушти Македонија во 1961 година и мигрира во Австралија барајќи подобри можности и посветла иднина за своето семејство.
Во селото Ротино го поминал својот ран живот пред да тргне на пат за Сиднеј.

Дали двајцата твои родители се Македонци или само едниот од нив?
Двајцата мои родители се Македонци, а јас пораснав во многу гордо македонско семејство каде што нашата култура, традиции, вера и јазик отсекогаш биле важни.

Дали зборуваш македонски?
Да, зборувам. Мојот македонски не е совршен бидејќи пораснав во Австралија, но можам да водам разговори и да комуницирам со луѓето доста добро.
Секојпат кога ја посетувам Македонија, мојот говор се подобрува бидејќи сум опкружен со јазикот секој ден.

Кога првпат ја посети Македонија? Кој беше тогаш твојот прв впечаток?
Првпат ја посетив Македонија во 2022 година со моето семејство.
Мојот прв впечаток беше дека сето ова ми е многу познато, иако никогаш не сум живеел овде.
Луѓето беа гостопримливи, храната беше неверојатна и имаше силно чувство на заедништво.
Беше многу слично како тоа што го опиша мојот дедо.
Она што најмногу ме импресионираше беше фактот дека ги гледам во живо местата за кои слушав целиот мој живот.
